Врачени наградите на учесниците на „Денови на европско Скопје“

Новинарот Петар Догов од телевизијата „Телма“ ја доби првата награда на конкурсот „Есеј за старо Скопје“ што се одржа во рамките на манифестацијата „Денови на европско Скопје 2022“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со поддршка на Универзитетот за туризам и менаџмент. На завршната манифестација беа прогласени најдобрите од работилницата на средношколците „Фотографирај го европско Скопје“ под менторство на фотографот Александар Кондев, од презентацијата на студентите од Универзитетот за туризам и менаџмент „Презентирај го европско Скопје“ и од новинарскиот конкурс „Есеј за старо Скопје“.

Најдобри фотографии од средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ изработиле: Мирјана Спасовска (прва награда), Ања Атанасовска (втора награда) и третонаградениот средношколец Давид Анѓелковиќ. Од другите средни училишта, првата награда ѝ припаднала Теодора Грзодановска, втората на Милан Крстиќ и третата на Адем Левиќ. Најдобри презентации на тема „Презентирај го европско Скопје“ изработиле првонаградената студентка Ивона Заревска, Филип Бакоч (второ место) и Емине Михтар и Тамара Илиевска (трето место).

– На конкурсот „Есеј за старо Скопје“ конкуренцијата беше голема. Пристигнаа повеќе од дваесет новинарски есеи на темата, првата награда ја зеде новинарот Петар Догов од телевизија „Телма“, втората отиде во рацете на Борис Груевски од „Алфа“, а третонаградена беше Александра Филиповска, новинарка на издавачката куќа ТРИ – вели авторката на манифестацијата Елизабета Кузмановска.

Таа истакна дена оваа година преку „Деновите на европско Скопје“, ДКУ инспирирала и анимирала повеќе од 100 млади луѓе, кои директно учествуваа и го презентирале културното и јазичното богатство на градот како дел од неговиот модерен европски идентитет.

Сподели