Средбата со олимпијците ја организираше Друштвото на физичарите на Република Македонија
На Природно-математичкиот факултет во Скопје вчера им беа врачени медалите и дипломите што учениците ги освоија на меѓународните олимпијади по физика. Средбата со олимпијците ја организираше Друштвото на физичарите на Република Македонија, а покрај учениците присуствуваа и претставници од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и од Македонското биолошко друштво кои заедно со ДФРМ го подготвуваа македонскиот тим за 18. Меѓународна олимпијада по природни науки. Таа во хибриден формат се одржа во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. На овој натпревар учениците триумфираа и секој освои медал.
На свеченоста се обрати проф. д-р Ламбе Барандовски, претседател на ДФРМ, кој ја истакна заложбата на Друштвото и останатите здруженија кои гравитираат кон ПМФ во промоција на физиката, хемијата и биологијата помеѓу учениците од основните и средните училишта во државата.

– Долгата традиција од преку 60 години на организирање натпревари од страна на ДФРМ придонело за создавање генерации физичари и инженери кои денес истражуваат во врвните научни институции во Македонија и светот – рече Барандовски.
Деканот на ПМФ, проф. д-р Александар Скепаровски ги поздрави олимпијците и им честита за добиените награди. Тој им порача во иднина уште повеќе да навлезат во тајните на природните науки и дека вратите на Природно-математичкиот факултет секогаш ќе им бидат отворени за нив во текот на нивното понатамошно образование.
Во име на МБД и СХТМ, проф. д-р Сузана Диневска-Ќофкаровска им ги честита добиените медали на учениците и им посака уште поголеми успеси во текот на нивното средношколско образование.

51. Меѓународна олимпијада по физика се одржа од 17 до 25 јули онлајн, а домаќин беше Вилнус, Литванија. На олимпијадата пофалници освоија средношколците: Мајкл Георгиевски од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци, Матеј Гелев и Јан Стојановски од приватното училиште „Јахја Кемал“ од Скопје, Димитар Џорлев од „Јане Сандански“ од Струмица, а успешно се претстави и Драго Јакимовски од „Орце Николов“ од Скопје.
45. Европска олимпијада по физика се одржа онлајн од 19 до 26 јуни, а ја организираше Естонското друштво на физичарите. На овој натпревар бронзен медал освои Јан Стојановски („Јахја Кемал“), а награда за успешно учество добија Емилија Николовска од Математичко-информатичката гимназија од Скопје. Достојно се претставија и Мајкл Георгиевски и Димитар Џорлев, и Марко Стојановски од „Георги Димитров“ во Скопје, денес студент на Институтот за физика при ПМФ.

На 3. Балканска олимпијада по физика која се одржа онлајн на 25 септември сребрени медали освоија Јан Стојановски и Мајкл Георгиевски, а бронза освоија Емилија Николовска и Сандра Недановска од „Јахја Кемал“ од Скопје.
На 18. Меѓународна олимпијада по природни науки која во хибриден формат се одржа во Дубаи сите претставници освоија медал. Сребро освои Алексиј Тасиќ од „Јахја Кемал“ во Скопје, а со бронза се закитија неговите соученици Матеа Митревска и Андреј Стојановски, Иван Костевски и Марио Ванчоски од средното училиште „Славчо Стојменски“ од Штип и Теона Ана Георгиевска од основното школо „Љубен Лапе“ од скопската општина Аеродром.
Фото: ДФРМ





