Врачени државните награди „11 Октомври“

Актерката Теута Ајдини-Јегени, хорскиот диригент, проф. Летка Димовска-Полизова, продуцентот Иво Јанкоски од областа на културата и уметноста, и машинскиот инженер, проф. д-р Константин Димитров и хемичарот, академик Глигор Јовановски ги примија наградите за животно дело „11 Oктомври“, на денот на македонското востаниe во македонското Собрание.

Државната награда „11 Октомври“ се доделува како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес. Наградите ги врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата, проф. д-р Светозар Антовиќ, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, кој пред присутните, меѓу другото, рече дека ова не е само награда, туку и обврска.

– Обврска да се продолжи патот на нашите предци – преку наука, култура, уметност, образование и општествена одговорност. Лауреатите на оваа награда се живи сведоци дека револуционерниот дух не згаснува, туку се преобразува во идеи, дела и вредности што се влог во нашата иднина, истакна Антовиќ.

Тој нагласи дека денес нашата држава претставува вистински пример за мозаик на традиции, што придонесуваат кон нашата богата духовна, културна, научна и уметничка сцена.

Сподели