Во спомен на Мирко Попов ќе се одржи 13 издание на „Земјотрес“ – фестивал на свежа, домашна и независна музика. Почетокот е вечерва во 19 часот во Младинскиот културен центар во Скопје.
– Да се биде инди фестивал кој континуирано секоја година го полни МКЦ со најубавата градска младина и покажува дека и покрај сите потреси имаме извонредно добра музичка сцена – е победа. Навидум изгледа како не баш голем предизвик, но да живееш овде и да бидеш воден од она убавото во создавањето на уметност/музика без компромиси, е победа. И покрај сите градски магли, загадено општество, затворени простори и глави, да продолжиш да твориш и го носиш ветерот на промена која најавува нова пролет, е победа. Победа за сцената, победа за секоја нова генерација која и дава нов звук и надеж – велат организаторите.
Настапуваат: АУМ, Д.Н.О., Елена Васова, Fiction, Grinsen, L.O.V.D, Lost in Reverie, LV$T, Мартина Панева, Martix, Speysd, Светлост, Tsar Von Time, Виктор Апо, YÖU, Нема лабаво, Никартик, ОВЦ Колектив, Поетроника и Ruststained.
Влезниците се во продажба онлајн на линкот.





