Во Прилеп промовиран новиот број на „Стремеж“

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше промовиран новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Според главниот и одговорен уредник, Александар Еленин, дружбата треба да ги приближи содржините до читателите и да ги заинтригира да се нурнат во остатокот на содржините што ги нуди списанието.

Ова е прв број на „Стремеж“ во оваа година и уредено од новата уредничка редакција: Александар Војнески (главен уредник), уредниците Владимир Мартиновски, Давид Стојаноски, Наташа Атанасова и Виктор Јованоски, технички уредник. Дизајнот на насловната страница е на Катерина Трајановска, а лектурата на Христина Ангелеска-Мијоска. Новиот број на „Стремеж“ содржински донесува авторски дела и препеви поделени во неколку блока.
Во поетскиот блок на авторска поезија се застапени: Владимир Мартиновски со седум зооминијатури (Џебен бестијариум), Ана Стојаноска, Миладин Угреновиќ и Цветанка Невчева со по три песни.

Во блокот со препеви/преводи се застапени: францускиот поет Лорен Грисон со седум песни, избор и препев на Владимир Мартиновски, рускиот поет Николај Гумиљов со две песни, избор и препев на Елена Карпузовска, полската поетеса Кажимјера Илаковичувна со четири песни, избор и препев на Звонко Димоски, чешкиот поет Јан Скацел, избор и препев на Диме Митревски и бугарската поетеса Поли Муканова со две песни во препев на Зоран Јакимоски.
Со прозни дела се застапени: Александар Доневски со два раскази и Петре Димовски со еден расказ.
Во драмскиот блок интегрално е објавена монодрамата „Ложа“ од Марио Стојаноски.
Со блокот посветен на критики, есеи и студии се застапени Никола Пијанманов со неговиот ликовно-уметнички осврт Сенките на Гоја и Кирил Бисероски со филозофско-естетичкиот есеј Клајновото уметничко дело – меѓу естетиката и идеологијата.

Сподели