Во Прилеп почнува 15. издание на Националниот „Поетски слем Македонија“

Со „Поетски двобој: Есенин vs Мајаковски“ вечерва во 20 часот во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп Прилеп ќе почне 15. издание на Националниот „Поетски слем Македонија“.

Литературната манифестација ја организира „Театарска работилница“ од Прилеп и ќе трае до 12 октомври. Во рамките на вечерашниот настан ќе се одржи промоција на преводите на Славе Ѓорго Димоски. Во кафе-галеријата „Лувр“ ќе се отвори и изложба-инсталација од мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш.

За титулата национален претставник годинава ќе се натпреваруваат триесетина учесници од различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење кои доаѓаат од цела Македонија. Повеќето се слем-ветеран(к)и, кои традиционално учествуваат на прилепскиот слем-настан. Публиката ќе има можност за првпат да запознае и многу нови имиња во слемот: Бобан Богатиновски, Валерија Дамчевска, Вероника Ризеска, Виктор Спасески, Горан Анчевски, Горазд Китановки – Кени, Далибор Ангеловски, Дамјана Видическа, Даница Лепојевиќ, Елена Јандреовски, Живко Грозаданоски, Јован Лешев, Јулијана Маринковиќ, Лиле Јовановска, Марина Икономова Шокева, Ристо Иракоски, Славчо Ковилоски, Снежана Паноска, Соња Гаврилова, Стефанија Граовац, Тања Кузманоска, како и ланскиот победник Матеј Петров и организаторите Игор Трпчески и Елена Пренџова.

Утревечер во 18 часот во ревијалниот дел поетите ќе продефилираат низ центарот на Прилеп и ќе рецитираат поезија на повеќе локации со што официјално ќе биде отворен фестивалот. На дефилето ќе читаат Андреј Ал-Асади, Ѓоко Здравески, Марија Грубор, Матеј Петров, Гала Матевска, Андреј Анѓелковиќ, Игор Трпчески, Елена Пренџова и многу други. Во киното „Мис Стон“ во 20.30 часот ќе се одржи слем-полуфиналето.

Третиот фестивалски ден има најбогата програма, па настаните почнуваат напладне. Од 12 до 13 часот во галеријата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи работилница и промоција на „Еден маж и една жена, или како љубовта раздвојува светови. Интерактивна збирка поезија за креативно читање и пишување“ со Елена Пренџова, во кафулето „Чоше“ ќе се одржи слем-кафе со диџеј Олд Скул Селектор.

Во кафулето „Тротоар“ во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Ние сме Ева“ на Оливера Андоноска. Во 19 часот ќе се одржи промоција на поетската книга „Небо трето“ на Ѓоко Здравески, на која со свој поетско-музички перформанс ќе настапат авторот Дејан Спасовиќ и Перо Сарџоски.

Настаните продолжуваат во летната сцена во Центарот за култура со настап на специјалниот гостин од Белгија, Кевин Амсе, кој ќе се претстави во рамките на интернационалната програма. Тој неколку години по ред бил финалист на белгиското слем-првенство. Ќе настапи на фламански и холандски јазик, а публиката ќе има можност да се запознае со неговите стихови благодарение на препевот на македонски на Ели Пујовска и на фондацијата „Фландерс Литрача“. Финалето на 15. Поетски слем ќе почне во 20.30 часот, а вечерта ќе заврши со концерт на „Пијан Славеј“.

Последниот фестивалски ден (12 октомври) учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирот Трескавец, каде што потоа ќе се одржи и поетско читање.

Од 2011 година до денес „Театарска работилница“ организирала повеќе од 20 поетски слем-натпревари, кои на ниво на Македонија имаа очигледна развојна и нагорна линија. Од лани од е официјален член на Светската поетска слем-организација. Низ годините на манифестацијата учествувале повеќе од 150 автори и 15 специјални гости. Девет победници на „Поетски слем Македонија“ ја претставуваа Македонија на европските поетски слем шампионати во Европа.

Минатогодишниот победник Матеј Петров ќе присуствува на европското слем-првенство во Берлин. Годинешниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското.

Во рамки на годинешниот „Поетски слем Македонија“ ќе бидат објавени и презентирани две книги: Збирка поезија – „15 години Поетски Слем Македонија“ и „Избор слем поезија“ од Кевин Амсе од Белгија, во препев на Ели Пујовска. Дизајнот е на Владимир Лукаш.

Сподели