Македонската публика има несекојдневна можност да влезе во фантастичниот свет на Анета Светиева, една од најмаркантните скулпторки во современата македонска уметност. Свет инспириран од традицијата и верувањето на македонскиот народ, дела кои создаваат магична слика за човековите најскапоцени аспекти и непрекинливата врска со митологијата, откривајќи го духовниот свет што без прекин ги допира нашите животни и духовни прашања.

Со овие зборови кураторката Викторија Васева-Димеска ја отвори ретроспективната изложба завчеравечер во Даут-пашиниот амам во Скопје. Многумина вечерта ја оценија како посебна прослава на културата. Покрај авторката Светиева, присуствуваа бројни ентузијасти, критичари, колеги и пријатели. Меѓу присутните беше и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, државната секретарка при Министерството за култура и туризам, Марија Ѓоргова.
На изложбата се претставени бројни дела од сите фази на нејзината уметничка кариера, што ги опфаќаат нејзините најважни и најиновативни проекти. Гостите имаа можност да го дофатат светот на нејзината уметност и нејзината инспирација и развој низ годините. Оваа ретроспективна изложба не само што претставува можност за длабоко запознавање со нејзината уметничка приказна, туку и поттик за понатамошни креативни подвизи. Настанот го проследи живиот дијалог со нејзиното целосно и комплексно творештво, кое одразува богата приказна за слоевитоста на животот и уметноста.

Во подготовката на изложбата учествува и кураторките од Националната галерија, директорката Маја Неделкоска-Брзанова, Ана Франговска и Маја Чанкуловска-Михајловска.
Неделкоска-Брзанова ја истакна важноста на оваа изложба како заокружување на мисијата да се презентира богатството од уметнички дела што ја отсликуваат автентичната македонска идентичност и вредности. Таа ја потенцира личната посветеност и искреноста во творештвото на Светиева, чие дело се гради врз длабоки митолошки, етнолошки и духовни теми.

Кураторката Васева-Димеска ја изрази благодарноста за честа да биде дел од овој проект. Таа ги нагласи трудот и посветеноста што ги вложија сите учесници за да се долови суштината на експозицијата. Таа зборуваше за комплексната природа на делата, што ја истражуваат слоевитоста на човековите емоции, страдања, радости, љубов и страст, како и симболиката што ја носат митските и археолошките форми.
– Се надеваме дека оваа изложба ќе ја поттикне јавноста да се потопи во магијата на уметноста, истражувајќи го богатството на нејзините митолошки приказни и лични траги што ги пресекуваат границите на времето и просторот – рече Васева-Димеска.
Ретроспективната изложба ќе биде отворена за јавноста во Даут-пашиниот амам до крајот на август.
Фото: Национална галерија





