Спомен-куќата на Гоце Делчев, некогаш сопственост на битолското семејство Ракиџиеви, ќе биде свечено отворена утревечер во 20 часот во Битола. Преуредувањето на музејската поставка во спомен-куќата се состои од три дела – историска соба и етнолошка соба, кои се наоѓаат на горниот кат и училница која се наоѓа на долниот кат од куќата. Проектот го работеше Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола.
– Огромна работа завршија членовите на тимот кои со голем труд, стручност и посветеност го подготвуваа свеченото отворање на Спомен-куќата на Гоце Делчев која е од огромно значење за нашата институција и за Битола. Веќе од понеделник, очекуваме голем број македонски и странски посетители како и голем број ученици. Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам – вели Зоран Николовски, директор на Заводот и музеј.
Во рамките на историската соба ќе биде изложена затворска споменица од сопственикот на куќата, Михаил Ракиџиев, другар и соборец на Гоце Делчев. Во неговата куќа Гоце престојувал во текот на ноември 1901 година.
Покрај ова ќе бидат изложени и музејски предмети од илинденскиот период, а во етнолошката поставка ќе бидат изложени музејски предмети кои го отсликуваат периодот од живеењето на семејството Ракиџиеви.
Свеченото отворање е закажано утревечер, на одбележувањето 122 години од смртта на великанот и апостол на македонската борба. Раководител на проектот м-р Филип Талевски, кустос и стручните лица: м-р Евгениј Литовски, кустос, м-р Ефросинија Паревска, виш кустос, Наде Геневска-Брачиќ, кустос-советник, м-р Стефан Малбашиќ, конзерватор, м-р Моника Нолева, документатор и други. Технички кадар: Крсте Кочов, Киро Блажев, Николче Митревски и др.
(В.И.И.)





