50 години музичка кариера ќе одбележи легендарниот гитарист Влатко Стефановски со два концерти на 9 и 10 мај во Македонската филхармонија. Го радуваат наградите, признанијата, но посебно го радува поддршката од пријателите, од неговите колеги. Неодамна му се исполни големата желба од детството, да снима во легендарното лондонско студио Abbey Road, каде меѓу другите, сите албуми ги снимиле и „Битлси“, кои Влатко ги обожавал од мал, благодарение на својот брат, Горан Стефановски. Таму, заедно со својот тим музичари го објави албумот London Session.
– Снимавме во студиото каде што се снимени најдобрите албуми на ‘Битлс’, на само четири канали. Паркетот не е сменет од 1950-тите години, уште ги има дупките од опушоците кои ги оставил Пол Макартни. Албумот го режеше Шон Маги кој работеше со Битлс. Кога го прашав дали тој ќе работи и на овој албум, ми кажа дека во тој момент, влажноста во студиото е 50 проценти и ќе почека да се намали на 40 па ќе работи. Ете, затоа кај нив тоа перфектно функционира и затоа и „Битлси“ станаа тоа што се. Тој ја пофали „Бистра вода“ што ја слушаше кога влегов да се видиме, рече Стефановски на средбата со новинарите во „Аудиокултура“ во Скопје.
Менаџерот на Стефановски, Томислав Кашљевиќ од „Мјузик тајм“ од Загреб го нарече маг. Истакна дека истовремено со Влатко е и лесно и тешко да се работи. Лесно, затоа што тој откако ќе му се исполнат сите организациски услови дава сѐ од себе, полни сали и луѓето што го слушаат ги прави среќни, а тешко оти не е лесно да се исполни и она што се бара.
– За мене е голема чест да ги организирам неговите концерти. Секаде се распродадени и месец пред да се случат. Досега сум застапувал тројца гитарски магови – Пако де Лусија, Томи Eмануел и Влатко Стефановски. Многу концерти сум ги правел за продадени влезници, концертите на Влатко ги правам од љубов – рече Кашљевиќ.
Клаудија Чилар, претставничка од „Кроација рекордс“ од Загреб истакна дека како наследници на „Југотон“, се трудат да ги објавуваат врвните музичари од регионот, каков што е Стефановски.
– Двата дена снимање во Лондон беа толку големо искуство за Влатко и музичарите и за целиот наш тим, што и месеци отпосле на тоа се потсетуваме со радост.
На концертот ќе настапи и Јан Стефановски на тапани, синот на Влатко.
Стефановски го пофали и Иван Кукиќ, бас гитара, за кој рече дека може да го свири кој инструмент сакате.
„Некои ќе речат дека Јан го протежирам затоа што ми е син, но тој го заслужи местото во триото. А Иван Кукиќ е едно чудо од музичар. Кој инструмент сакаш дај му да свири, тој ќе отсвири, а и ќе отпее. Пред седум години, како многу млади ги фрлив во ладна вода, на голема сцена, како предгрупа на Стинг и ја оправдаа довербата“, кажа Стефановски.
Тој го нарече Дамир Имери чудо од музичар кој лесно одговара на сите предизвици. Имери гостуваше на балканските концерти на Стефановски, а ќе гостува и на скопските, заедно со Момчило Бајагиќ-Бајага. Придружни вокали ќе бидат трио „Струмица“.
Стефановски призна дека менаџерот и тимот на „Кроација рекордс“ се грижат за него како за бела мечка.





