Во почетокот на мај од печат ќе излезе најновото книжевно остварување на писателот Владо Јаневски, кој ѝ е познат на читателската публика како автор на романи за возрасни. Овојпат се работи за илустрирана книга за деца која ќе биде објавена од издавачката куќа „Стрип Квадрат“ од Скопје и ќе биде промовирана на Саемот на книгата во Скопје, во мај оваа година.
Иако првенствено наменета за деца, книгата „Палавковците Влатко и Емче“ е подеднакво интересна и за возрасните, кои ќе се насмеат кога ќе ги препознаат ликовите и ситуациите со кои често се сретнуваат во секојдневниот живот.
Се работи за илустрирана книга за сите непораснати и пораснати деца, која плени со ведрината на својата содржина. Низ куси умно-хумористични епизоди го следиме растењето не само на Влатко и Емче, туку и на нивните најблиски. Една од важните работи во развојот на секое дете, а која често сe заборава, е токму хуморот.
Cмислата за хумор е добар показател за степенот на развиеност на когнитивните способности, особено на имагинацијата и користењето на јазикот. За да се постигне тоа, на децата им е потребна социјализација – општење и споделување искуства со други деца и возрасни, преку што учат и почнуваат да ги препознаваат логичките грешки и апсурдности.
– Владо Јаневски е автор и на текстот и на илустрациите, а резултатот е возбудлив и исклучително ведар книжевно-ликовен продукт, кој е во духот на нашето време и може да биде многу атрактивен како за младите читатели, така и за нивните родители. Во книгата на Јаневски се вкрстуваат голем број таленти, вокации и преокупации на авторот, како и негови искуства со различни уметнички форми (кус расказ, стрип, литература за деца, цртеж, илустрација), а заеднички именител е токму хуморот – вели Владимир Мартиновски, поет, есеист, прозаист…
„Хуморот на Влатко и Емче е интелигентен, ненаметлив, но секогаш со порака. Авторот Владо Јаневски е одличен опсерватор на секојдневието, овојпат го одбира цртежот како медиум кој без напор се надополнува со дијалогот. Неговите цртежи ја раскажуваат приказната самостојно: карактерите се лесно препознатливи и запаметливи. Текстот е секогаш во функција на ликовната фабула што ја прави разбирлива за децата од најмала возраст, но и за возрасните кои заедно или самостојно ги споделуваат авантурите на Влатко и Емче. „Палавковците Влатко и Емче“ се вистинско освежување за македонскиот читател од секоја возраст. Не се сомневам дека многумина ќе уживаат во нивните мудрости, и дека ќе ги поттикнат читателите да ѕирнат под навидум едноставниот дијалог и да ги препознаат и разберат нивните пораки за искреност, љубов, живот. – вели Маја Петрушевска од „Би-Би-Си Ворлд сервис“.
Владо Јаневски е писател и сликар и честопати патува по светот (престојувал во шеесетина земји). Роден е во Македонија, каде завршил високо образование на УКИМ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Објавени дела: роман „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, Скопје, 2022), роман „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, Скопје, 2020), роман „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), роман „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019), роман „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004), збирка раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985). Илустрирани книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип-Квадрат“, Скопје, 2023) и „Змејови и луѓе“, („Арс Ламина“, Скопје, 2023). Застапен е и во книгата современи бајки „Детелинки-белинки“ („Арс Ламина“, Скопје, 2022), како и во антологиите „Современи кратки книжевни форми“ („Инаку“, Скопје, 2022), „Современи авторски бајки“ („Феникс“, Скопје, 2021) и „Песни за Скопје“ („Феникс“, Скопје, 2021).
Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ 2021 и на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината во Македонија за 2020 година. Повеќепати бил наградуван и на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008), „Книжевни елементи“ (Скопје, 2021), „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007, 2021, 2022), „Современост“ (Скопје, 2022) и „Стремеж“ (Прилеп, 2023).
Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот. Објавувал карикатури во познатиот австралиски магазин „The Bulletin with Newsweek“. Ангажиран е како уредник за книжевно и ликовно творештво во магазинот „Везилка“ каде што претставува македонски автори кои живеат надвор од Македонија.





