Владимир Костов, виолинист: Фасциниран сум од италијанскиот барок

Иако кога ќе се спомене поимот „барок“, веднаш сите помислуваат на големиот Бах, како татко на барокното мајсторство, сепак барокот во Италија, особено делата за виолина мене ми се на прво место, вели Костов

Пишува: Јана Коловска-Бојовиќ

Неговата приказна со Филхармонијата почнува уште во студентските денови. Бил фасциниран од огромниот инструмент наречен оркестар. Вели дека неговата професија уште тогаш била предодредена. Виолинистот Владимир Костов задутре со оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот „Вида“, а ќе настапи со чембалистката Цветанка Созовска.

Костов е еден од најпознатите и најдобрите македонски виолинисти и единствениот музичар од Македонија кој повеќе пати е избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина. Во текот на својата кариера соработува со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Хемс Енес, Даниел Мулер Скот), при што се појавува на сцената на некои од најпознатите концертни сали во светот. Од 2000 до 2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ. Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, Камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио ВАМ, член е и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија и на ансамблот за современа музика „Кон Темпора“.

Костов е редовен посетител и на мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите квартети „Медичи“ (Шведска), „Артемис“ (Германија) и квартетот „Миро“ (САД). Досега настапувал на голем број значајни фестивали и манифестации во Македонија и во Европа, аосновач е на Фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“. Владимир Костов моментално работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Како концерт-мајстор, имате одговорност многу поголема од онаа на останатите членови. Дали од самиот почеток ова место Ви беше предизвик?

– Мојата приказна со Македонската филхармонија започнува уште во студентските денови, кога бев повикан како хонорарен соработник. Во текот на студирањето речиси да немаше концерт што не сум го посетил. Ме фасцинираше тој огромен инструмент наречен оркестар и отсекогаш сум бил вљубен во тој звук. Се чини дека мојата професија од тогаш беше предодредена и на мое огромно задоволство официјално бев вработен од 1999 година. Функцијата концерт-мајстор ја добив во 2012 година што за мене претставуваше огромна чест и задоволство. Тоа е највисока функција во еден оркестар, а воедно бара и најголема одговорност. Меѓутоа, големата љубов, работата, почитта кон професијата и институцијата, и музиката пред сè, придонесуваат за полесно справување со предизвиците и со проблемите.

В четврток ќе застанете и пред оркестарот. Дали одговорноста и тремата се поголеми кога се свири пред матичниот оркестар и своите колеги?

– Како солист со Македонската филхармонија имам настапувано неколку пати досега, изведувајќи ги Концертот за виолина и виола од Моцарт, Концертот за виолина и виолончело од Брамс, премиерно го изведов и Концертот за виолина на Глас, како и Концертната пиеса за две виолини од Шнитке „Моц-Арт ала Хајдн“. Одговорноста е поголема кога се настапува како солист затоа што самиот начин на интерпретација е поинаков– пред сè тонски, и кога си солист нема простор за импровизации и криење – ти си центарот на сцената. Кога станува збор за трема – таа секогаш постои, особено поради тоа што ние не настапуваме толку често како солисти со оркестар, но не во негативна смисла. Повеќе би рекол дека тоа е една возбуда и одговорност пред настап која поминува за кратко, можеби неколку минути по почнувањето на концертот. Тоа што ќе настапам со мои колеги и пријатели, напротив, ми ја намалува тремата затоа што со години соработуваме заедно и имам голема поддршка.

На концертот ќе свирите заедно со чембалистката Цветанка Созовска, а интересен е фактот што на концертот нема да има диригент. Може ли да ни кажете малку повеќе за ова?

– Идејата да соработувам со нашата чембалистка Созовска ја имав одамна, но некако постојано имавме проблеми за реализација на нашите проекти, бидејќи кај нас има дефицит на чембала, а инструментот што го имаме тука не ни беше дозволено да го користиме. Цветанка е фантастична соработничка и одлична чембалистка која заврши Академија за барокна музика во Холандија и има соработувано со најголемите имиња од редот на изведувачите на барокна музика на автентични инструменти. За жал, кај нас нема настапено, и на мое огромно задоволство, ја поканив да биде дел од концертот. Во последните години изведувањето на барокната музика во автентичен стил е многу популарно во светот, а кај нас скоро и да не се практикува. Бидејќи се работи за мал состав, не е ретко овие концерти да се изведуваат без диригент, гледајќи ја самата формална структура на делата (соло – тути делници). А и мислам дека концертот ќе добие една многу убава автентичност на овој начин.

На програмата на концертот ќе се изведaт дела исклучиво од барокни автори. Зошто ја одбравте токму оваа музика?

– Во текот на мојата кариера речиси и да нема жанр од класичната музика што не сум го свирел, иако порано бев многу повеќе посветен на изведување на современата музика, како дел од „Алеа“ и „Кон Темпора“. Но, последниве години барокот ми стана омилен. Новите школи, интерпретации, ансамбли, извршија силно влијание врз мојот вкус, така што со големо воодушевување и уживање ги слушам. Италијанскиот барок отсекогаш ме фасцинирал, исклучително виртуозен и богат. Иако кога ќе се спомене поимот барок веднаш сите помислуваат на големиот Бах, како татко на барокното мајсторство, сепак барокот во Италија, особено делата за виолина мене ми се на прво место. Вивалди, еден од моите омилени композитори, има и други преубави концерти за виолина, а не се само „Годишните времиња“ по кои многумина го препознаваат. Избраните концерти за овој настап првпат ќе бидат изведени тука.

Имате и голем број настапи со други оркестри и камерни ансамбли од Европа. Лани бевте дел и од балканската турнеја на познатиот No borders Orchestrа, кој е составен од најдобрите професионални музичари од Балканот. Како дојде до оваа соработка?

– Точно така. Минатата година за мене беше многу плодна на професионален план. Во No Borders членувам неколку години, но минатата добив понуда да бидам концерт-мајстор и солист. Со огромно задоволство прифатив, пред сè, затоа што ги изведов токму „Годишните времиња“ на Вивалди, преработени од Макс Рихтер – Vivaldi recomposed дело кое моментално во светот е многу популарно и изведувано. Токму дел од оваа композиција ќе изведам и на концертот в четврток. Мојата соработка со овој оркестар продолжува и понатаму.

Кои се Вашите идни планови? Дали да очекуваме уште солистички концерти или повеќе ќе бидете насочени кон групното музицирање?

– Планови, се разбира дека имам, но со оглед на ситуацијата во светот ќе видиме колку од нив ќе се остварат. Од тоа што би можел да издвојам се настапот на фестивал во Бугарија, рецитал во Њујорк со мојата долгогодишна соработничка Марија Вршкова, како и концерт на музика за две виолини.

 

Сподели