Влада Урошевиќ: Дали навистина книгата во својот вообичаен облик ќе исчезне од животот на идните генерации? Јас искрено се надевам дека не

Во пресрет на одбележувањето на 5 мај, Денот на македонскиот јазик, доволно е да се потсетиме дека од седум илјади јазици во светот, половина се исчезнати или се во опасност од исчезнување. Со нив исчезнал и мал универзум на мисли и чувства, но останале книгите, натписите во камен, на хартија, и во други форми. Токму затоа со големо задоволство ве поздравувам на почетокот на уште едно издание на Меѓународниот Саем на книгата, манифестација која во својата долга традиција, истрајно и во континуитет, укажува на неопходноста на книгата во нашето секојдневие и поширокиот општествен контекст – изјави министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, вчеравечер на отворањето на 35. Саем на книга во „Борис Трајковски“.

Сè почесто се среќаваме со поимот екранизам, кој е поврзан со негативното влијание на екранот врз мозокот, особено кај малите деца. Свесни сме за слабата концентрација на одредени активности, нешто што сериозно треба да нѐ загрижи, додаде министерката.

– Од друга страна, на сите ни се познати многубројните и далекуопсежните придобивки од читањето како една од најосновните вештини што можеме да ги стекнеме како човечки суштества. Накратко, читањето е од суштинско значење за нашиот развој и среќа, како поединци и како општество. Затоа како љубители на книгите и на пишаниот збор, имаме обврска да ги унапредуваме состојбите и заедно да работиме на зголемување на интересот на читателската јавност за книгата како пишан медиум – изјави министерката.

Оваа година, чест ни е што јубилејно ја одбележуваме 35-годишната традиција на најочекуваниот саем – Саем на книга. Оваа културна манифестација, којашто е од голема важност, годинава најголемиот фокус го има насочено кон нагласување на важноста на мајчиниот македонски јазик, изјави Даниела Глигоровска, управител на Скопски саем, организатор на Саем на книгата.

– Културното наследство, коешто ни го имаат оставено безвременските легенди во македонската книженост, должност ни е да го зачуваме за сите нас, како и за сите идни генерации. Од денес сè до 10 мај, секој ден со почеток од 10 часот, над 60 домашни и странски издавачки куќи ќе ги претстават своите саемски понуди, со познати наслови од многубројни реномирани автори, на сите љубители на пишаниот збор. Овој Саем мора да остане потсетник и синоним, да се чита со вистинска книга во раце. Не е случајно што мотото на годинешното издание на саемот е токму „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“. Истото е потсетник за најважната премиса во ова модерно темпо на живеење, – да не ја заборавиме најздравата навика на модерниот човек, а тоа е – читањето нови книги – изјави Глигоровска.

Саемот за нас издавачите е посебно важен, бидејќи е место кадешто се обединуваме со читателите. Каде што можеме да ја претставиме целата наша годишна програма и она за коешто работиме преку целата година. Ние како издавачи и времето го сметаме како период помеѓу два саеми. Во таа насока се и наградите на Македонската асоцијација на издавачи, коишто традиционално ќе ги додели наградите и признанијата за најдобрите изданија, најкреативните изданија, најдобрите автори, најдобрите и општествено-одговорните издавачи, истакна Бојан Саздов, претседател на МАИ.

– На тој начин ќе се обиде да работи на она на кое работиме како Асоцијација, а тоа е да го подигнеме статусот на книгата на едно уште повисоко ниво. Тоа го правиме и преку учество во организацијата на Саемот и оваа година. Заедно со организаторот работиме саемот да го направиме уште поквалитетен, со уште подобар избор на книги, со голем избор на настани, – и во промотивниот центар, и на штандовите. Одговорноста е голема бидејќи над 30.000 луѓе ќе бидат тука овој период. Успехот го броиме и преку реакциите на читателите, нивните сугестии, забелешки, критики, пофалби – истакна Саздов.

На свеченото отворање се обати и академик Влада Урошевиќ. Споделувајќи пред присутните искуство од една своја посета во Париз во Франција, Урошевиќ изјави:  „Промените ми ја покажаа положбата во која се наоѓа денес книгата и сето она што е поврзано со неа. Несомнено овие промени се показатели на повеќе аспекти. Ја покажуваат немоќта на книгата, која како производ тешко може да се натпреварува со некои други стоки што повеќе се бараат. За време на оваа прошетка во Париз, во неуспешната потрага по некогашните книжарници, се прашував дали тоа значи дека книгата почнува да се повлекува пред наездата на општата комерцијализација на нештата? Дали е ова нејзин пораз пред некои други попривлечни и поефикасни облици на информации и комуникации? Дали можеби нејзиното место започнуваат да го земаат некои други медиуми?“

Академик Влада Урошевиќ е познат по својата долга кариера и свој печат во сферата на македонската книжевност и зацврстување на културниот идентитет преку пишаниот збор.
„Книгите не се спалуваат толку често. Денес се рециклираат. Или благо речено, се повлекуваат од употреба. Дали навистина книгата во својот вообичаен облик ќе исчезне од животот на идните генерации? Јас искрено се надевам дека не.“ дополни Урошевиќ.

Програма за денес, 5 мај

10.00 – 10.45 – Едукативна работилница на тема „Корицата на мојата сликовница“

Организатор:  Едука Мак, Скопје

11.00 – 11.45 – Доделување на награди на МАИ (Македонска Асоцијација на издавачи)

Организатор: Македонска Асоцијација на издавачи, Скопје

13.00 – 13.45 – Промоција на најдобри состави од ученици од средни училишта на теми:

  • Душата зборува на македонски јазик
  • Гласот на чуварите на македонскиот јазик
  • Срцето чука во ритам на македонскиот јазик

14.00 – 14.45  – Промоција на книгата Нико Зупанич и Македонија во 1903 година, м-р Виктор Габер, 2022 г.

Промотор: проф. д-р Далибор Јовановски

                  Организатор: Државен архив на РСМ, Скопје

15.00 – 15.45         Промоција на книгата Ранливи суштества од Лула Карбало

                                    Организатор: Магор, Скопје

16ч – 17ч    Трибина на Македонската Асоцијација на издавачи по повод  Денот на македонскиот јазик

16.00 – 16.45 – Промоција на книгата за млади  „За нивната иднина“, со поддршка на Креативна Европа

                                    Организатор: Бата Пресс Милениум, Скопје

17.00 – 17.45 – Промоција на книгата за ,,Македонија: Горна Река–село Кичиница” : историски видувања и записи од Драган Попоски-Стојнин

                                    Организатор: Бата Пресс Милениум, Скопје

18.00 – 18.45 – Промоција на книгата за деца ,,На крилјата на самовилското коњче”, автор: Александра Велинова

                                    Промотор: проф. д-р Кристина Николовска

                                    Организатор: Едука Мак, Скопје

19.00 – 19.45 – Промоција на стихозбирката „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе)“, автор: Александра Спасеска

                                    Промотор: Јулијана Величковска

                                    Организатор: ПНВ Публикации, Скопје

Сподели