Виолета Танчева-Златева ја доби наградата „Антево слово“ за песната „Севселенска“

За песната „Севселенска“, поетесата Виолета Танчева-Златева ја доби наградата „Антево слово“ за необјавена поетска творба. За наградата, пo пристигнати повеќе од 120 песни, едногласно одлучи жири комисијата во состав: Митко Гогов (претседател), Атина Цветаноска, Иван Антоновски, Александра Јуруковска, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија (надворешен соработник).

– И во оваа песна на Виолета Танчева-Златева, лирскиот субјект истовремено е и поетовото Јас и општочовечкото Ние, при што рафинираноста на поетскиот израз и овојпат се остварува и со авторска почит кон македонскиот литературен јазик која остава печат врз стилот на оваа поетеса. Песната се надоврзува на претходните творечки резултати на Танчева Златева и е уште едно камче од поетскиот мозаик што го гради со нејзините поетски книги објавени изминативе неколку години. Но тој мозаик е резултат на автентична поетика која е дел од естетската вертикала на современата македонска поезија – вели жирито.

Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ годинава по шести пат ја додели специјалната награда востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.

Втора награда на конкурсот освои Славица Гаџова Свидерска за песната „Каргографија на себеси“, трета – Иван Иванов за „Сега и сетне“. Наградени се Омобоно Лила од Канада за песната „Голема е емоцијата“, а за млад автор е прогласен Лука Иванов, за песната „Таворската светлина“.

Сподели