Со внимателно осмислена програма што ги обединува филмот, музиката, литературата и визуелните уметности, во Прилеп се заокружи десеттото, јубилејно издание на Winter Apricots: Prilep International Film Festival. Во текот
на изминатата деценија, фестивалот се етаблираше како простор на тивка, но суштинска културна размена, фокусирана на авторскиот филм, интердисциплинарноста и создавањето заедница која внимателното гледа, слуша и разговара.

Годинешната програма ги обедини Интернационалната, Балканската и Националната натпреварувачка селекција, во рамките на кои беа прикажани вкупно 29 кратки филмови. Селектираните филмови ги допреа темите на сеќавањето, отсуството, личната и колективната траума, секојдневието и отпорот, екологијата и животната средина, современите предизвици и вештачката интелигенција, нудејќи прецизни, интимни и често експериментални филмски јазици што ја отвораат современата реалност без потреба од спектакл.
Членови на меѓународното феестиваслко жири беа Мартина Аригони, италијанска режисерка, Јелена Иванчевиќ, сценографка и културна работничка од Црна Гора, и Георги М. Унковски, македонски филмски режисер. Нивната селекција и одлуки беа резултат на внимателно следење и продлабочени дискусии околу авторските пристапи, естетската доследност и тематската релевантност на филмовите.

Според одлуките и споделените експикации на жирото, во Интернационалната селекција, наградата за Најдобар филм ја доби француската анимација Ashen Sun на Камил Моние, за тивко моќен и емотивно концентриран филмски јазик што ја доловува генерациската вознемиреност и чувството на стагнација во современиот свет. Наградата за најдобра кинематографија припадна на ирачкиот филм Beneath Which Rivers Flow на Али Али, за визуелна поетика што преку светлина, вода и простор создава имерзивно и длабоко интимно искуство. За Најдобар звук беше награден полскиот филм You River на Изабела Зубрицка, за суптилна и органска звучна композиција во која амбиентот и фолклорните елементи стануваат носители на значењето. Наградата за најдобар концепт ја доби World at Stake на Сузана Флок, Адријан Јонас Хајм и Јона Клајнлајн, за прецизно и критичко преиспитување на дигиталните простори и нивните скриени идеолошки структури. Во рамки на Балканската селекција, наградата за Најдобар балкански филм ѝ беше доделена на српската анимација Floating од Јелена Милуновиќ, за инвентивен и емотивен приказ на личен конфликт преку движење и танц. Специјално признание доби грчко францускиот филм I’m Glad You Are Dead Now на Тауфик Бархом, за суптилен и зрел пристап кон семејната траума и односите на доверба меѓу браќа.

Наградата на публиката во Националната селекција ја освои филмот „Антипод“ на Бојан Секулоски, во продукција на Babot Media и Avard Film.
Фестивалот беше отворен со изложбата „Неурбанизирани артефакти“ на младиот фотограф Јордан Звездоски. Ова е негова прва самостојна изложба, која преку аналогни фотографски процеси го истражува односот помеѓу медиумот
и „аналогниот“ начин на живот во рурална Македонија. Малите формати и внимателната композиција ги позиционираа фотографиите како тивки сведоштва за еден исчезнувачки свет, но и како почеток на еден јасно профилиран авторски
јазик.
Во рамки на книжевната програма, фестивалот ја организираше промоцијата на книгата „Годините“ од Ани Ерно, со учество на преведувачката Адријана Папиќ Манчева, издавачката Катерина Шекутковска и модераторката Оливера Адонoска. Разговорот се разви надвор од книжевната анализа, отворајќи пошироки прашања за меморијата, идентитетот и општествениот контекст, целосно во согласност со сензибилитетот на фестивалот.

Особено значаен сегмент беше промоцијата на книгата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски, издадена од Flip Book, претставена од Елеонора Венинова и Александар Прокопиев. По промоцијата следеше трибината „Синелитера – литературата како инспирација за филм и филмот како нова форма на литература“, модерирана од Галевски, со учество на Александар Прокопиев, Елеонора Венинова, Ермис Лафазановски и Давиде Палела. Дискусијата понуди продлабочени компаративни согледувања за односот меѓу книжевната метафора и филмскиот кадар, како и за можноста киното да се развива како современа поетика и форма на духовна експресија.

Во програмата беше вклучена и Screendance селекцијата, курирана од италијанскиот колектив Augenblick, која преку седум кратки филмови го истражуваше допирот помеѓу филмот и кореографијата, третирајќи го телото како автономен кинематографски јазик и проширувајќи ги границите на нарацијата.
Музичката програма го обележа фестивалскиот интердисциплинарен контекст како целина. Отворачката вечер беше заокружена со концерт на Мухамед Ибрахими, кој преку гитара и мандолина понуди интимно и имерзивно музичко продолжение на фестивалската атмосфера. Неговиот интуитивен и динамичен пристап, што ги спојува традиционалните влијанија со личен израз, се вгради како природен дел од уметничкиот дијалог на вечерта. На крајот, фестивалот беше затворен со голема забава и префинет synthwave концерт на Iskra – хипнотичко музичко патување кое доведе до самиот крај на фестивалот.





