Вевчанскиот карневал е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, одлучи Владата на вчерашната седница.
– Со тоа се овозможува зачувување и афирмација на машката василичарка поворка како дел од зимските обреди со маски, која е зачувана и се практикува во автентична и интегрална форма од локалната заедница во Општина Вевчани. Со Одлуката се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација во согласност со Законот за заштита на културното наследство – соопшти Министерството за култура.
Според документот, „Обредните поворки со маски (карневал) – Василичари во Вевчани“ се издвојуваат со својата автентичност и зачуваност на формите на маските, василичарското оро, верувањата и обредните практики. За Василичаритесе утврдува режим на заштита од прв степен, со повеќе мерки на заштита. Преку поддршка и поттикнување на носителите за изработка на автентични маски ќе се обезбеди одржливост на древната манифестација, пренос на знаењата за изработка на маските и вештините за свирење на традиционалните музички инструменти кои се дел од поворката.
– Од особено значење е што традицијата на еден од најстарите карневали во светот ги вклучува и младите генерации и се зачувува како културно наследство – велат од Министерството за култура.





