Венко Андоновски е највлијателен писател и просветител за 2024 година во ТРИ
На средбата меѓу писателите и читателите што се одржа завчеравечер во книжарницата ТРИ,македонскиот писател, професор и книжевен теоретичар Венко
Андоновски се здоби со признание за највлијателен писател и просветител во 2024
година во ТРИ.
„Во 2024 година ја издадовме ‘Опијатите на лепословието’, најновото дело на
Андоновски, во кое тој ни ги открива тајните на своите вештини при пишување
лепословие и несебично ги споделува со (идните) автори алатките на својот занает.
Освен низ овој ракопис, Андоновски своите пишувачки вештини со читателите ги сподели и практично, преку неговото менторство на шесте ТРИбини, серија работилници за креативно пишување, комуникација и маркетинг што се одржуваа во 2024 година“, информираат од Издавачкиот центар.
Токму поради големиот јавен интерес за учество на ТРИбините, како и споделувањето на вештините преку „Опијатите на лепословието“, Венко Андоновски заслужено го доби признанието „Највлијателен писател и просветител“ за 2024 година во ТРИ.
„ТРИ ги собира најпроминентните македонски писатели и писателки во овој момент. Води и грижа за нив и за нивните специфики, зашто ТРИ како издавач е свесен дека издавачот (и неговите писатели) не треба да бидат трговско-угостителска дејност која ѝ го дава на публиката она што таа каприциозно го бара и го сака во моментот (мода). ТРИ, преку своите писатели, секој со различен книжевен персоналитет, создава своја публика, ја стратификува, така што различни автори си негуваат свој слој од читателската публика“,изјави Андоновски.
На последниот книгокруг од серијата книжевни настани гостинка беше Румена Бужаровска, по повод второто издание на „Тони“, првиот роман на современата македонската писателка. Бужаровска се здоби со Признание за најчитана авторка за 2024 година во ТРИ.
„’ТРИ’ продолжува да го разбива и стереотипот дека кај нас ‘не се чита’ или дека не се читаат домашни автори. Румена Бужаровска, со својот прв роман 'Тони', покажа дека за еден месец можат да се објават (и прочитаат!) две изданија. Во моментов тоа е читателски феномен број еден во нашата култура. Затоа ТРИ и ја прогласи за свој најчитан автор за 2024 година. Бидејќи писателите се познати како луѓе кои страдаат од суета, и бидејќи ретко си честитаат, јас јавно ѝ честитам на Румена, убеден дека допрвадоаѓаат нејзините најубави творечки години. Ѝ честитам и што по вторпат ги отвори вратите на еден исклучително важен издавач, Галимар, и повторно објави книга раскази на француски“, посочи Андоновски.
Тој дополни дека ваквите преводи и изданија се голема работа за македонската
книжевност, забележувајќи дека навистина се срами што никој јавно не ги одбележува, ниту од еснафот,ниту од политиката.
„И натаму мислиме дека премолчувањето е најдобро оружје за одбрана на личната суета од туѓиот успех, што е тажно. И натаму се држиме до тоа дека телото на писателот се состои од 80 проценти вода, а душата од 80 проценти суета. ТРИ покажува дека не смееме да бидеме култура на премолчување, зашто тогаш ќе бидеме и премолчена култура. Ако самите не се цениме, кој ќе нè цени?“, истакна Андоновски.
На книгокругот на лепословието посветен на „Опијатите на лепословието“, инаку дел од книжевната програма во рамки на „Зимскиот фестивал на книгата“, се собраа читатели на Андоновски, како и учесниците на овогодинешните ТРИбини под негово менторство, кои добија сертификати за успешно надминување на пишувачките предизвици поставени од писателот.
„За среќа, новата енергија која ја почувствував на ТРИбините, и од најмладите и од
повозрасните, е поинаква. Тоа е енергија на љубопитство за другиот и неговиот
уметнички опит. Тоа е едно мало книжевно семејство од кое, убеден сум, повеќемина ќе си го најдат патот по кој уметникот зачекорува сам, кога ќе почне да пишува како Јас, а не како некој друг“, вели Андоновски.
Преку учеството на ТРИбините, учесниците имаа можност да ѕирнат отаде процесот на пишување книжевен текст, а и самите да напишат свои раскази за кои потоа добија повратно мислење од македонскиот писател.





