Во чест на 80 години од раѓањето на големиот поет, есеист и критичар Илија Карајанов, вечерва во 18 часот во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, ќе се одржи вечер посветена на неговото творештво. За животописот на Карајанов ќе зборуваат македонските писатели, есеисти и книжевни критичари Васил Тоциновски и Ефтим Клетников. Модератор ќе биде Емилија Старделова.
Настанот е во рамките на манифестацијата „Гевгелиско културно лето“.
Илија Карајанов (Гевгелија, 1943 – 2016) завршил Филолошки факултет во Скопје. Бил професор во гимназијата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија.
Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1987 година. Автор е на стихозбирките: Сончогледово око (1978), Цветови на слободата (1979), Полноќен сонопис (1987), Сономорје (1991), Слики од југот (1995), Зорници во сонот (1997), Сонети без почеток и крај 1999), Свилени звуци (хаику поезија, 2000).





