„Големата црвена книга“ со поезија на Руми, еден од најголемите персиски поети, во превод на Драги Михајловски ќе биде промовирана вечерва во 19.19 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Книгата е во издание на ТРИ. Модераторка на настанот е авторката Виолета Танчева-Златева, а за изданието и за преводната работа на Драги Михајловски ќе зборуваат авторките и преведувачки Ана Пејчинова и Ирена Јурчева.
Поезијата на еден од најголемите персиски поети, Џелаледин Мевљана Руми, е мелем за срцето на безброј читатели низ вековите, а од пред некое време можеме да ја читаме и на македонски јазик.
– Стиховите на Руми, кои претставуваат непроценливо светско наследство, добиваат дополнителна убавина кога се препеани од големиот мајстор на зборот, проф. Драги Михајловски. Тоа е воедно и последниот превод и препев на кој тој работеше. Надминувајќи ги материјалните граници на постоењето, поезијата на Руми ги обликува емоциите во мозаик во кој е претставено целокупното човеково искуство – велат организаторите.





