По процесот на евалуација, во претстојниот период на јавноста ќе ѝ бидат претставени најуспешните проекти, поддржани во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност
57 проекти од кои 14 истакнати како најуспешни беа финансирани со 18 милиони евра од Европската Унија, преку програмата ИПА 2. Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше спроведен во периодот од 2016 до 2019 година. По шест општински, микро и мали претпријатија и 4 од невладин сектор беа истакнати за најуспешни.
Поддржаните проекти беа поделени во три категории:
- 19 проекти од страна на општините за подобрување на локалната инфраструктура со цел унапредување на туристичката понуда на нивната територија
- 18 проекти од страна на микро и мали претпријатија за збогатување на нивните капацитети и туристичката понуда
- 20 проекти од страна на невладини организации и здруженија
По завршувањето на проектот ЕУ спроведе надворешна евалуација за да го процени влијанието и одржливоста на мерката. Тимот за евалуација, сочинет од врвни долгогодишни експерти на полето на евалуацијата на проекти од ваков обем, оцени дека овие 14 проекти најдобро ги искористиле доделените средства, влијаеле на отворање на нови работни места и успеале да ја зголемат туристичката понуда во својата туристичка дестинација и со тоа директно влијаеле на подобрување на локалната економија.
18 месеци по официјалното завршување на проектот, ПЛРК ќе се заокружи со завршен настан, на кој ќе бидат презентирани резултатите од четиригодишните активности и од евалуацијата. Настанот ќе се одржи во Винаријата „Лазар“, која ќе биде промовирана како една од најуспешните приказни во рамки на овој проект.





