Успехот на стартот не е петката, туку тројката: родител – дете – наставник

Пишува: М-р Маја Георгиева Павловски, лиценциран семеен и системски советник, основач на Mental Growth

Секоја есен, илјадници мали чекори преминуваат прагови на училници, носејќи во себе возбуда, радост, но и страв од непознатото. Кога првачињата го прават чекорот во училницата, тие не влегуваат сами. Со нив влегуваат и сите грижи, радости и стравови на родителите. Првиот училиштен ден за првачето е врата кон нова авантура, а за родителите лекција во пуштање на детето да расте. Децата често се снаоѓаат подобро од што ние возрасните мислиме. Тие природно влегуваат во игри, се запознаваат, се адаптираат.

За родителите на првачињата, првиот училиштен ден е исто така нов почеток. Тие испраќаат дел од своето срце во свет што не можат целосно да го контролираат. „Дали ќе се снајде?“, „Дали ќе биде прифатено?“, „Дали ќе биде среќно?“. Овие мисли се природни, но важно е да не му се пренесат на детето како товар.

Почитувани родители, потрудете се вашите стравови да не ги пренесувате на децата. Секој поглед, секој збор, секое „ќе видиме дали ќе се снајдеш“, тие го паметат. Наместо такви коментари, подарете му подарок на своето дете кој не се купува – доверба. „Верувам во тебе. Ќе биде интересно. Јас сум тука и ќе бидам секогаш.“

Маја Георгиева-Павловски

Неколку совети за полесна подготовка:

1. Разговарајте со вашето дете– објаснете што ќе се случува на првиот ден, какви активности може да очекува и кој ќе биде таму.
2. Покажете доверба – децата ја чувствуваат енергијата на родителите. Ако вие сте мирни и верувате дека ќе биде добро и тие ќе се чувствуваат посигурно.
3. Создадете ритуал на разделба – кратко и топло збогување, без одолговлекување. Секое долго двоумење ја зголемува вознемиреноста.
4. Фокус на позитивното – зборувајте за нови другарства, интересни активности, наставничката.
5. Подгответе се и вие – дозволете си да бидете емотивни, тоа е нормално. Детето не ја памети бојата на ранчето, ниту облеката за првиот ден колку што го памети погледот со кој сте го испратиле. Дали беше поглед на страв, или поглед на охрабрување на родителот.

На крајот, запомнете дека не е важно дали вашето дете ќе го прочита веднаш првиот збор, туку дали ќе почувствува дека учењето е безбедно, интересно и вредно патување. И за тоа најважната улога ја имате токму вие родителите, а потоа и наставникот.

Драги наставници, вие не сте само тие што учат букви и броеви. Вие станувате значајна личност во животот на едно дете, во кого тоа ќе гледа сигурност. Со вашата насмевка можете да намалите страв, со вашето трпение можете да создадете љубопитност, со вашиот топол збор можете да изградите доверба. На родителите им е потребно да знаат дека нивното мало срце е во сигурни раце. А децата ќе ве паметат, не по тоа колку задачи сте им дале, туку по тоа какви емоции имало во училницата.

Новата училишна година наскоро започнува. Родителите, наставниците и децата, сите заедно влегуваат во нова приказна. Доколку оваа ,,златна” тројка ја испише оваа приказна со љубов, доверба и охрабрување, таа ќе остане најубаво поглавје во детството на едно дете.

Сподели