Уште денеска и утре: Донирајте глас за „Буки“ и учествувајте во зачувувањето на македонскиот јазик

Уште два дена трае кампањата за собирање гласови на „Буки“ – дигиталната платформа базирана на вештачка интелигенција за транскрипција на говор на македонски јазик. Отворени се и парични донации што ќе бидат наменети за одржување на платформата. Донациите се отворени неколку недели, а во меѓувреме се обезбедени лого и сервер. Автор на логото е Владимир Трајановски, а серверот го донираше проф. д-р Ордан Чукалиев.

„Буки“ е алатка што ќе им ја олесни работата на многу научници, истражувачи, новинари, јазичари, на луѓе од различни професии. Моделот го развија Дејан Порјазовски, експерт за технологии на вештачка интелигенција за препознавање говор од Универзитетот „Аалто“ во Финска, проф. д-р Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал и проф. д-р Ордан Чукалиев, раководител на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања (ЦеНИИс) кој функционира во рамките на УКИМ. Во проектот активно беше вклучена и проф. д-р Илина Јакимовска, раководителка на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математички факултет – УКИМ.

Употребен е Дигиталниот архив на етнолошки и антрополошки ресурси на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ кој содржи над 1250 часа аудиоматеријал, рачно транскрибиран во ворд-фајлови (главно, теренски интервјуа и усни сведоштва), голем број визуелни материјали, музичка збирка и дигитализирани ракописи од наши поранешни професори и донатори.

– Продолжуваме со кампањата за да собереме 600 часа македонски гласови преку платформата Mozilla Common voice. Во моментов „Буки“ е трениран само на 60 часа македонски говор и просто е неверојатно дека работи толку добро (тестирајте го на следниов ЛИНК). Сепак, имаме проблем со препознавање на детски гласови и на дијалектен говор. Затоа, новата верзија на „Буки“ сакаме да ја истренираме со поголема разновидност на гласови и акценти. Би ви биле многу благодарни ако се вклучите во нашата кампања и прочитате неколку реченици на македонски. Уште подобро ако им помогнете на вашите деца да го направат истото – вели Стиков, кој преку Фондацијата „Кантарот“ се обидува да собере што повеќе донации, во пари и во гласови.

За донаторите се предвидени и награди. Гласовите се собираат до 15 декември, затоа што тогаш Mozilla ќе ги направи достапни за тренинг сите реченици прочитани во претходните три месеци. Потоа ќе биде трениран Буки 2.0 чија промоција ќе се одржи на 26 декември.

– Хостингот, кампањата и промотивните материјали не се евтини. Ако можете да нè поддржите финансиски, тогаш … Ви благодариме од сè срце што учествувате во зачувување на македонскиот јазик! – вели Стиков.

Детали како да донирате на линкот на Фондацијата „Кантарот“.

Повеќе информации за „Буки“ – македонската јазична Ноева арка на Блен.мк.

Сподели