УНИЦЕФ: Вработените во образованието имаат право на штрајк, но децата не можат да си дозволат прекин на учењето

УНИЦЕФ го следи тековниот дијалог меѓу Владата и Синдикатот за образование, наука и култура и ги повикува сите вклучени страни брзо да најдат заедничко решение што ќе ги стави децата на прво место и што нема да доведе до дополнителен продолжен прекин на наставата во училиштата.

– Вработените во образовниот сектор, исто како и сите други работници, имаат право да ги заштитат своите работнички права со штрајк. Во исто време, децата не можат да си дозволат дополнителен прекин на наставата и учењето. Мора да се изнајде брзо решение кое ќе им одговара на сите страни, а особено на децата. Северна Македонија веќе подолго време се соочува со криза во образованието, при што повеќе од половина од сите ученици на 15-годишна возраст во земјата не го достигнуваат основното ниво на знаење по читање, математика и природни науки – вели Патриција ДиЏовани од УНИЦЕФ.

Таа додава:

– Дијалогот за важната улога на наставниците треба да е континуиран и да се води во поширок контекст на реформата во образованието со цел да се обезбеди соодветно распоредување и искористување на човечките, финансиските и другите ресурси за да се обезбеди квалитетно образование за сите деца, независно од тоа каде живеат.

Сподели