Ликовната уметница Андријана Мациев од Скопје почина денеска на 41-годишна возраст. Таа ја изгуби двегодишната борба со рак на дојката. Мациев е родена на 16 септември 1980 година во Скопје. Средно образование завршила во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, оддел-графика во класата на проф. Димитар Малиданов.
Беше член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и во здружението „Широка стаза“ од Земун.
Изложуваше самостојно од 2009 година реализирајќи 25 изложби во Скопје, Прилеп, Кавадарци, Гевгелија, Кочани, Демир Капија, Струмица, Куманово, Неготино, Радовиш, Крива Паланка, Белград, Софија и Сарасота.
Учествувала на повеќе од сто групни изложби од 2006 година, манифестации, ликовни колонии и работилници во Македонија и Инстамбул, Варна, Шамелиер, Белград, Тузла, Созопол. Реализира и ликовни перформанси во склоп на културните денови во Македонија.

„Обои ме“ – Андријана Мациев
Мациев е добитничка на повеќе награди меѓу кои: прва награда од Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“
(2008), Награда за посебен придонес во уметноста на графиката, Chamalieres, 8 Mondial de l Estampe et de la Gravure Orginale Triennale de Chamalieres (2010), Признание „Уметник на годината“ од Меѓународна манифестација за литература, уметност и култура „Планетопија” (2019), Платинеста плакета за целокупното ликовно творештво на Интернационална литературна манифестација и манифестации за ликовна култура „Милица Паулус“ (2021).
Последен пат дело на Мациев беше изложено како дел од групната изложба Love Art во галеријата КО-РА, во организација на Auroom.





