УКИМ формира две нови тела за обезбедување квалитет

Eвалуација 360, централизирано спроведување на сите анкети, континуирано следење на меѓународните активности на факултетите и наставниот кадар, како и остварените кариерни можности за студентите се дел од активностите за обезбедување на квалитетот кои од овој месец ќе ги спроведува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Воспоставувањето на новиот систем за квалитет беше предвидено во програмата на ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова.

– Тежнеејќи кон создавање на високо образование со признат национален и меѓународен квалитет, УКИМ ќе биде насочен кон создавање на средина која овозможува непречено функционирање на новиот систем за квалитет и неговите чинители. Во свет и во високо образование кое постојано се менува, овој пристап ќе му овозможи на Универзитетот да ги препознае силните и слабите страни и да ги направи сите потребни промени во интерес на студентите и општеството во целина – вели Ангелова.

Новиот систем опфаќа 58 индикатори кои ќе бидат следени секоја учебна година и се целосно усогласени со меѓународните стандарди на Европското здружение за обезбедување на квалитет во високото образование. Во рамките на системот за квалитет се формирани и нови тела – Центар за квалитет и Совет за квалитет на Универзитетот. За раководител на Центарот за кариера е именувана проф. д-р Марина Митревска, редовен професор на Филозофскиот факултет, а за претседател на Советот за квалитет е избран проф. д-р Мишо Докмановиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Сподели