УКИМ дел од „Прометеј“

Зајакнување на иновациите и претприемништвото е во фокусот на новиот меѓународен проект во кој ќе учествува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Под наслов „Прометеј“, проектот е финансиран од Европскиот институт за иновации и технологија, а вклучува пет високообразовни институции, два истражувачки центра и едно претпријатие во областа на дигитална трансформација, поврзана со циркуларна економија, климатски промени и одржлив развој.

– Проектот се стреми кон поттикнување на институционален ангажман и промени за развој на иновативни и одржливи услуги. Оваа нова иницијатива на Европскиот институт за иновации и технологија се стреми да ги зајакне капацитетите за иновации и претприемништво во високообразовните институции – велат од УКИМ.

Покрај УКИМ, во проектот се вклучени: „Егејски универзитет – истражувачка единица“ од Грција (носител), универзитетите во Твенте, Холандија, „Ла Сапиенца“ од Рим и Универзитетот во Патра, Грција, Националниот институт за истражување и развој на биоресурси за храна, од Романија, Европската регионална рамка за соработка и компанијата „Crowdpolicy“ од Грција.

„Прометеј“ е помеѓу 20-те проекти финансирани од програмата Horizon Europe, чија реализација ќе се одвива во две фази – развојна и имплементирачка.

Сподели