Под мотото „Биди и ти, IT девојка“ Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ го одбележа 11. Февруари, Интернационалниот ден на жените и девојчињата во науката.
Проректорката проф. д-р Устијана Речкоска-Шикоска, како и професорки, дипломки и студентки ја потенцираа важноста на присуството на жените и девојчињата во науката. Тие преку своите искуства ги поттикнаа присутните, пред сè ученици од гимназиите и стручните училишта во Струга и Охрид, подетално да се заинтересираат и информираат што би значело студирање на некој од факултетите при универзитетот.
Универзитетот „Св. Апостол Павле“ од Охрид е еден од позитивните примери каде застапеноста на мажите и жените е речиси идентична по прашањето на родовата рамноправност.





