Учителот не носи наметка, но создава магија на учењето што ја менува иднината

Во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, Тетово беше домаќин на панел- дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“

Како образовниот систем се менува низ годините, какво е значењето на оценките беа дел од прашањата отворена на трета панел-дискусија од националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука што се одржа вчера во Тетово под наслов „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“. Присутните зборуваа како се менувал процесот на образование и оценување низ генерации, што денес значи успех и која е улогата на наставникот во свет каде што технологијата може да објасни сè, но не и секогаш да инспирира.

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска истакна дека магијата на наставничката професија е во човечноста, во допирот и разбирањето што ниту еден уред не може да ги замени.

– Во минатото, учењето беше трпеливо запишување и помнење, а денес учењето е и селекција, анализа и создавање нови идеи кои водат до личен успех и придонес кон развојот на државата. Но, во обете времиња постои нешто заедничко – магијата што ја создава наставникот, кој ја претвора љубопитноста во знаење и бројките во човечки приказни. Денес, учениците имаат пристап до милиони информации, но вистинската вредност на наставникот е што знае да ги претвори тие информации во знаење, разбирање и во љубопитност. Учителот не носи наметка, но создава магија на учењето што ја менува иднината – рече Јаневска.

Директорка на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, посочи дека магијата зад успехот на учениците секогаш започнува со наставникот.

– Бирото е тука да ја поддржи таа магија преку континуиран професионален развој и менторска поддршка на наставниците – рече Тримчевска.

Своите искуства и размислувања ги споделија и Даниела Апостоловска, одделенски наставник и помошник директор во основното училиште „Братство – Миѓени“ и Салих Мислими, доктор по општа медицина и професор по стручни предмети Средното медицинско училиште „Никола Штејн“, двете од Тетово. Тие преку лични примери направија паралела помеѓу времето кога учениците учеле од книги и денешното време, кога во одредени ситуации се предава и учи преку дигитални уреди. Се согласија дека технологијата е помошник, но не и замена за наставникот.

– Зад секоја „петка“ стои приказна за труд, охрабрување и доверба. Вистинскиот успех е кога ученикот сака да учи, а наставникот е оној што ја разгорува љубопитноста. Технологијата може да помогне, но само човекот може да инспирира – едногласни беа тие.

Дискусијата потсети дека вистинската магија на образованието не е во брзината на пристап до информација, туку во способноста да се разбере, почувствува и примени знаењето. Иако времињата се менуваат, наставниците и понатаму остануваат оние што ја претвораат љубопитноста во мудрост, а „петката“ во нешто многу повеќе од бројка.

Панелот се реализираше во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“, посветена на препознавање и поддршка на наставничката професија како движечка сила на општествениот напредок. Кампањата низ низа настани и активности ги афирмира наставниците како вистински креатори на промените, на оние што ја пренесуваат љубопитноста во знаење и знаењето како темел за посветла иднина на општеството.

Сподели