„В/редности и вредонсти“ е насловот на новата времена поставка, посветена на уметноста на македонскиот денар која вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена во Музејот на Народната банка во Скопје. Изложбата ќе ја отвори Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на НБРМ.
– Македонските вредности раскажани преку уметноста на банкнотите. Музејот на Народната банка ја отвора за јавноста, новата времена поставка, посветена на уметноста на македонскиот денар. Одбележуваме 30 години од монетарната самостојност, 30 години од воведувањето на македонскиот денар и 20 години од постоењето на музејската поставка на Народната банка – велат организаторите.

Една од поспецифичните карактеристики на дизајнот на македонските пари, кај сите изданија, е отсуството на историски личности на предната или задната страна. Оваа специфика ја имаат многу малку европски држави.
– Постои една општа констатација кај истражувачите на овој вид на специфичен дизајн дека нашите пари со својот колорит, со својата динамичност се можеби едни од најубавите банкноти испечатени на европската територија – вели Катерина Христовска, раководител на Музејот на Народната банка.
Во времената поставка ќе може да се видат сите значајни вредности претставени на македонските банкноти. Од Народната банка велат дека парите како физичко средство за размена, покрај ознаките за својата номинална вредност, претставуваат и медиум на чии аверсни и ревесни страни се прикажани многу други културни, историски и уметнички вредности од обединувачко значење за целокупната државна заедница.
ПАРИ – 27 ВЕКА НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ДЕНЕШНА МАКЕДОНИЈА
– Тие се медиум кој ја уточнува, ја означува споделената заедничка приказна за македонската држава. Новата привремена изложба во Музејот на Народната банка е место во кое ќе може да се погледне најзначајното и амблемско културно наследство на современата македонска држава, а ги украсува предната и задната страна на тековното издание македонски банкноти – велат од Народната банка.






