Во Културно-информативниот центар во Скопје денеска во 12 часот ќе се одржи тркалезна маса по повод книгата „И повторно политика, култура, идентитет“ од Ангелина Бановиќ-Марковска и Златко Крамариќ, издание на МИ-АН. На настанот ќе учествуваат академик Катица Ќулафкова, проф. д-р Славчо Ковилоски и проф. д-р Мишел Павловски.
Монографијата на двајцата реномирани македонисти, книжевни теоретичари и културолози ја потврдува нивната долгогодишна посветеност на актуелните теории, не само во книжевната наука, туку и во културологијата, политологијата и историјата. Делото содржи предговор и дванаесет есеи кои претставуваат природно продолжение на темите отворени во нивниот претходен заеднички проект.
– Книгата во фокусот на својот интерес повторно ги става, исчитува и толкува најбитните прашања од националниот културен и книжевен живот, дефиниран од еден поширок историски, етнички и политички хронотоп, карактеристичен како за македонскиот, така и за балканскиот 19, 20 и 21 век. Занимавајќи се со политиката и поетиката на етнонационалните идентитети, видени низ призмата на културната антропологија, историографија и имагологија, авторите на овој труд нудат темелен и сеопфатен увид не само во културната меморија, туку и во идеологијата и етиката што ги обележале најтрауматичните моменти од македонската (но, не и исклучиво македонската!) историја, и култура – велат организаторите.





