Во просториите на Студентскиот информативен центар (СИЦ) при Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, ќе се одржи тркалезна маса посветена на темата „Врсничко насилство во училиштата во Општина Битола“. Целта на настанот е да се разгледа актуелниот проблем на врсничкото насилство во училиштата, да се презентираат прелиминарните резултати од истражувањето спроведено од професорите од Правниот факултет и да се дискутираат можни решенија, локалните политики и мерки кои можат да придонесат за ефикасно спречување на овој вид насилство.
На настанот ќе присуствуваат: ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, проф. д-р Светлана Вељановска, декан на Правниот факултет во Битола, како и претставници од секторот за образование на Општината и директори и претставници на стручни служби од сите основни и средни училишта од Битола.
Ќе бидат презентирани прелиминарни резултати од истражувањето „Врсничкото насилство во училиштата во Општина Битола“. Ќе учествуваат: проф. д-р Ице Илијевски, доц. д-р Ивона Шушак Лозановска, проф. д-р Ангелина Станојоска, сите од Правниот факултет од УКЛО Битола и проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска, Висока медицинска школа, УКЛО – Битола, како и Елизабета Талеска, Центар за социјална работа – Битола.





