Тркалезна маса на „ПРО-ЗА Балкан“: Денес повеќе не знаеме што е вистина

Вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам ќе му биде врачена наградата „Прозарт“ на словенечкиот писател Евалд Флисар, а писателите-учесници ќе читаат извадоци од своите дела.

Војната, вештачката интелигенција и литературата беа во фокусот на тркалезната маса што се одржа синоќа во Јуроп хаус Скопје во рамките на 13. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Може ли вештачката интелигенција да го замени местото на писателот во неговото творештво? Колкава е заканата за литературата, за авторството, за легатот што го остава секој писател зад себе? Ова беа дел од темите што ги отворија панелистите. Дебатата ја модерираше писателот и преведувач Владимир Јанковски, а учествуваа годинашниот добитник на наградата „Прозарт“ – словенечкиот автор Евалд Флисар, македонските писателки Лидија Димковска и Хана Корнети, бугарската писателка Елена Алексиева, српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ и една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели, Јана Бауер.

Владимир Јанковски, Дејан Трајкоски и Евалд Флисар (од лево кон десно)

Увод во вечерта даде Дејан Трајкоски, организатор на „ПРО-ЗА Балкан“. Тој се повика на мислата на Хераклит – „Војната е татко на сè и крал на сè“ разгледувајќи ја преку друг медиум, филмот.
-Јас сум фасциниран од филмот „Духовите на Инишерин“, којшто многу прецизно, на многу нивоа, ја докажува токму оваа реченица „Војната е татко на сè и крал на сè“. Тие што го гледале, знаат дека големата војна цело време се случува во позадина, додека главен фокус имаат „малите војни“, кои, предизвикани од напуштањето, понекогаш може да бидат и поголеми од големите војни, рече Трајкоски, поздравувајќи го и издавачот од Украина, земјата зафатена со војна.

Јанковски ја отвори дебатата со прашањето каква е улогата на ВИ во создавањето книжевни текстови, може ли да создаде вистинска литература? Лауреатот Флисар на шега рече:
– Со оглед на тоа што 80 отсто од светот не е многу интелигентен, вештачката интелигенција е многу добра работа. Но, може да се користи за многу злобни нешта, прашањето е како тоа да се избегне. Иако мислам дека е корисна, ме плаши како писател, како личност и мислам дека ќе направи огромна штета врз човештвото. Не знам како да се бориме против неа – рече Флисар.

Димковска нема многу искуство со користење ВИ. Но, го раскажа експериментот на нејзината 18-годишна ќерка. Таа го прикачила последниот ракопис на Димковска и добила повратна информација за расказот, дури и целосна валоризација.

– Кога не би знаела, би рекла дека е дело на одличен рецензент, критичар. Живееме во свет на поствистина. Не знаеме што е вистина. Сметам дека ВИ е многу добра алатка за перење на мозокот. Но, се радувам што младите практично ја користат, како добра алатка. Верувам дека светот на младите останува – рече Димковска.

Хана Корнети, како најмлада панелистка, го претстави своето гледиште за ВИ. Таа смета дека воопшто не треба да се поставува прашањето дали ВИ може да напише нешто подобро од човекот.
– Тоа е сосема неважно. Некој ужива во готвење, друг во пишување, трет во музика. Ако уживам во пишувањето, зошто би го дала на некој друг да го работи? Има канали, начини каде што ВИ може да биде корисна алатка – рече таа.

Корнети изрази посебна загриженост во однос на младите и користењето мобилни телефони без никаква регулатива, која недостига и во користењето на ВИ, особено прашањата за авторските права.
– Нештата многу брзо се случуваат, а регулативите доцнат – смета Корнети.

Хана Корнети

На прашањето дали книжевната хиперпродукција преку користење ВИ е закана за автономијата на книжевниот јазик и дали со текстуални модели може да се создаде нешто што претходно не постоело, Елена Алексиева одговори:
– Зошто некој би сакал да реплицира нешто што е веќе создадено? Оваа дискусија е како тврдењето дека земјата е рамна и е центар на универзумот. И тоа не е точно. Се соочуваме со нешто за што ништо не знаеме. Сакаме да ја контролираме и да ја направиме наш роб, но ако стане попаметна од нас зашто е интелектуално е супериорна, тогаш ја нарекуваме неморална. Ние сме неморални, тоа е наша категорија. Што може еден човечки агент да му направи на друг човечки агент користејќи ВИ? Може да повреди еден човек, милион или милијарда човечки суштества. Чија вина ќе биде, на човекот или на ВИ? – праша Алексиева.

Елена Алексиева

Таа смета дека треба да ме среќни ако Ви се занимава со прашања како литературата, да пишува книги и да се прашуваме дали делото е авторско или на ВИ.
– За мене страшно, ужасно нешто е војната – целосно човечка креација. Зашто живееме во време во кое сакаме војната да ја нема. Ни испраа мозоци да мислиме дека ова е нормална, вообичаена ситуација. Ова не е дури ни прашање за добри и лоши луѓе. Војната се случува поради економски причини, поради бизнис. За мене ова е важното прашање, ова се нештата што не може да се сопрат. Ние, луѓето, не треба да учиме како да живееме во овој гнил, ужасен свет што го создадовме. Туку да создадеме добар, убав свет. Тоа е наша обврска и одговорност – рече Алексиева.

Небојша Лапчевиќ

Небојша Лапчевиќ смета дека ВИ не може да го замени авторот.
– Можеме да уживаме во несовршеноста на уметноста. Таа е комплетна само кога е несовршена. Песната е совршена само кога е недовршена – рече тој.

Според Јана Бауер, заканата од Ви не е голема, туку е веќе трагична, особено за најмладите корисници.
– Додека читам текст стигнале три мејла. Мојата концентрација и читање е нарушено и не можам да продолжам да читам. Екраните се толку привлечни, сјајни, чисто задоволство. Зошто да се мачиш да одолееш? Порано децата беа оставани сами на улица, денес се оставени сами пред екраните. Ако само 20 отсто од луѓето сме паметни, како тие ќе пораснат? Затоа, да уживаме во ова, зашто можеби сме последна генерација што организира вакви настани – рече Бауер.

Јана Бауер

Вечерта заврши со дискусија, интересни прашања и ставови од публиката кои дадоа свое мислење за улогата на ВИ во книжевноста.

Вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам ќе му биде врачена наградата „Прозарт“ на словенечкиот писател Евалд Флисар, а писателите-учесници ќе читаат извадоци од своите дела.

Организатор на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасада на Грција, Амбасада на Словенија, СПОНА, Амбасада на Шпанија, Амбасада на Словачка, КУД „Содобност“, Умно.мк и Метрика Култура.

Сподели