Тридневна жалост во целата држава, во знак на почит кон жртвите од трагичниот пожар во модуларниот ковид-центар во болницата во Тетово, е прогласена денеска на вонредна седница на Владата. За денови на жалост се прогласени денес, утре и задутре (четврток, петок и сабота), а за време на деновите на жалост државното знаме ќе биде истакнато на половина копје.
Владата апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип на промоции предвидени за овие три дена.
Владата посочи стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки. Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел истата да биде обезбедена во најкраток временски рок.
Засега е потврдено дека 14 лица ги загубија животите во пожарот, што избувна синоќа.





