Под мотото „Корени и крилја – Европска диплома дома“, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, одбележа три дена полни со инспиративни настани, интеракции и нови идеи. Минатата недела универзитетските простории, Широк Сокак, СИЦ и други локации беа домаќини на бројни активности, работилници, изложби и средби со гости од земјава и Европа.

Сè започна со Историски час посветен на Македонското научно друштво, по што следеше свечена промоција на новите доктори на науки. Просторот на Студентскиот информативен центар пулсираше со младинска енергија благодарение на COLOURS средби, каде студентите, наставниците соработници од деловниот свет и невладиниот сектор и медиуми, со високите претставници од Алијансата: проф. д-р Хаике Траутман, новоизбраната претседателка на КОЛОРС, директорката д-р Анете Клинкерт и д-р Крис Шатка, одговорен за квалитет, заеднички дискутираа за досегашните и за нови образовни идеи.

Централниот настан беше академскиот панел „Корени и крилја“, каде што ректорот, професори, локални лидери и претставници од Алијансата КОЛОРС дебатираа за иднината на образованието и значењето на европската диплома, достапна тука – во Македонија.
Настаните обилуваа со бројни креативни моменти – изложба на средношколски ученички дела резултат на конкурсот „Корени и крилја“, дискусија за жените во енергетиката, како и рекреативната активност „УКЛО ВЕЛО/МАРШ“ до манастирот Св. Атанас.

Со голема посетеност и поддршка од институции и партнери, УКЛО уште еднаш покажа дека е повеќе од универзитет – тоа е заедница што расте со своите студенти и гледа кон Европа благодарение на Алијансата КОЛОРС, но цврсто стои и на сопствените корени.






