Три награди за документарецот „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар на фестивал во Порторож

Филмот „Планината не оди никаде“ на режисерката Петра Селишкар, освои три награди на Фестивалот на словенечкиот филм што се одржа во Порторож. Режисерката Петра Селишкар ја освои „Весна“, наградата за најдобра режија, Лорелин Делом и Сашко Потер Мицевски ја добија наградата за најдобра монтажа, а филмот ја доби и наградата за најдобар игран филм, според Словенечката филмска асоцијација.

Филмот „Планината не оди никаде“, копродукција помеѓу Македонија, Словенија и Франција, имаше македонска премиера на „Македокс“ годинава.

-Режисерката Петра Селишкар создаде незаборавен документарец за исчезнувачки начин на живот. Нејзината режија ги усогласува восхитувачките предели со внимателно забележани лични детали, создавајќи филм што е истовремено епски и интимен, и кој би можел да се означи како еден од најубавите филмови за момчиња – вели жирито.

Високо во македонските планини, среде стадо од 500 овци чувани од огромни кучиња, има бачило. Од ова несигурно прибежиште одекнува детска смеа. Под лимениот покрив живеат браќа овчари кои макотрпно работат за да го одржат семејството. Кога не работат, си играат и разговараат за значењето на животот. И додека за некого животот е токму таму, други се прашуваат дали иднината ги чека на некое друго место. На премиерата ќе присуствуваат неколкумина од браќата – протагонисти во филмот и филмската екипа што работеше на документарецот.

Сподели