Тишина синоќа ја проголта Македонија

Морници лазеа по телото од стравотната тишина синоќа на плоштадот „Македонија“ каде стотици граѓани се собраа да им оддадат почит на 59-те загубени животи во најтрагичниот настан во независна Македонија. Не заѕвони телефон, не се чу глас, се слушаше само звукот на дроновите што летаа високо над луѓето. Тишината го проголта дури и лаежот на уличното куче. Насолзени очи, замислени погледи, кренати раце со светилките на телефоните. Ужасот деновиве ја обедини Македонија.

Горите во пеколот како што тие гореа во вашата шупа, Заради гнилиот систем гниеме млади, Рекордери во денови на жалост, Жртви на корупцијата, Бидете ангели на небото, како што бевте на земјата беа дел од транспарентите со кои младите немо, безгласно ја искажаа својата болка. „Никогаш да не се повтори. Гушнете ги своите најблиски“ рекоа од движењето „Кој е следен?“ на крајот на едночасовниот собир.

Граѓаните се собраа да им оддадат почит на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во повеќе градови во Македонија, во Штип, Струмица, Валандово, Гевгелија,Велес, Охрид, Кавадарци … Свеќи палеа и граѓаните на Белград, Ниш и во повеќе градови во регионов кои вчера прогласија ден на жалост. Во меѓувреме продолжува борбата за животите на повредените хоспитализирани во Скопје и во повеќе земји во странство. Вчера заврши обдукцијата на телата на Институтот за судска медицина. Погребите ќе бидат извршени утре.

(В.И.И.)

Фото: Тоше Огњанов

Сподели