Има многу инспиративни приказни, забележавме дека многу луѓе решаваат да направат целосна трансформација во кариерата, вели Милена Атанасоска-Манасиева од секторот за односи со јавност
Тетка на 63 години која се запишала на академија на „Бреинстер“ за да ја мотивира внуката и таа да се запише, татко и ќерка – двајцата студенти се само дел од инспиративните приказни на оваа образовна организација која годинава одбележува седум години. Формирана како стартап, денес брои 58 постојано вработени, а од неформален едукативен центар годинава со Brainster Next College влезе во водите на формалното образование – организира прв циклус студии во софтверско инженерство и иновации.
– Има многу инспиративни приказни. Забележавме дека многу луѓе решаваат да направат целосна трансформација во кариерата. Имаме студент пчелар кој решил да стане програмер. Изненадувачки е фактот што многумина од медицинските науки решаваат да преминат во ИТ-секторот. Тука луѓето ги менуваат своите животи во буквална смисла на зборот и тоа ни причинува големо задоволство – вели Милена Атанасоска-Манасиева од секторот за односи со јавност.

Стефан Смиљаноски, маркетинг-директор на „Бреинстер“ објасни дека во изминатите седум години кратките курсеви прераснале во подолги курсеви – академии со студенти претежно од Скопје. Со пандемијата и префрлувањето на наставата онлајн доживеале експанзија со студенти од другите краеви на Македонија. Денес 48 отсто од студентите се од Скопје, а останатите од внатрешноста, од европските земји и од САД.
– Веќе нема логика да се враќаме назад. Продолжуваме со флексибила хибридна настава што се покажа како одличен модел зашто е практичен. Така, од лидери во неформалното образование во Македонија годинава влеговме и во формалното образование со акредитација за една студиска програма. Веќе сме на пат за акредитација за втора програма, а во 2023 година планираме да се шириме и во странство – вели Смиљаноски.

Стефан Смиљаноски
Фокус на академиите и на колеџот е практичното знаење. Во изминатите седум години низ „Бреинстер“ поминале повеќе од 11.500 студенти. Велат дека мисијата им е да ги подготват луѓето за кариерите од 21 век преку едукација за совладување на дигитални и други видови на важни вештини за да станат и останат релевантни и за локалната, но и глобалната побарувачка за професионален кадар. Организацијата денес има мрежа од 161 компанија партнери за пракса и вработување.
Јана Тодоровска го води тимот партнерства. Тие ја шират мрежата и склучуваат договори со компании преку кои студентите работат на реални проекти за време на академиите и колеџот, а голем дел и продолжуваат да работат во компаниите.
– Од вработливите студенти, 80 отсто после академиите веднаш се вработуваат. Задоволни сме со овој процент, но сакаме да го зголемиме. Компаниите ги повлекуваат најдобрите студенти уште додека студираат, отприлика на половина од академијата – објаснува таа.
Просечната возраст на студентите варира, во зависност од академијата. Најбројни се оние на 30 години. Има и млади студенти, но се обидуваат да ја задржат долната граница на околу 17 години. Прават исклучок единствено за исклучително талентирани млади луѓе на возраст од 15 или 16 години, но во постојана соработка со родителите.

Од хакатонот на кој учествуваа 125 студенти
Brainster Next College годинава ја почна првата академска година со иновативна можност за студирање за нула денари, а студиите да ги платат кога ќе се вработат.
– Вложуваме во овој дел зашто планираме да бидеме тука на долги патеки. Колеџот има квота од 75 студенти, а во првата генерација се запишаа 50 – објаснува Смиљаноски.
Целта им е да станат најголемата и највлијателната едукативна организација во Македонија и во Југоисточна Европа. Ако годинава обучувале повеќе од 1.300 луѓе, за 2033 година проектирале бројка од 10.000 студенти годишно.





