„Сиљан“ [The Tale of Sylian], новиот филм на режисерката Тамара Котевска ќе има светска премиера на престижниот филмски фестивал во Венеција. Филмот ќе биде прикажан во официјалната селекција Out of Competition. По историскиот успех на „Медена земја“, со три награди на Sundance и две номинации за Оскар, и интернационалниот успех на документарецот The Walk, Котевска се враќа на голема врата.

„Сиљан“ е визуелно маестрална, поетска и емотивна приказна за животот на еден фармер од Македонија и неговата неочекувана врска со бел штрк со скршено крило. Филмот е длабоко вкоренет во македонскиот фолклор, инспириран од народната легенда за момчето кое по расправија со татко му, се претвора во штрк.
Кинематографер на филмот е Jean Dakar, кој ја носи приказната низ заборавените пејзажи и нежноста на секојдневието, преточени во кадри што би можеле да бидат изложени во музеј. Фармерите Никола и Јана, со нивната игрива љубов и тивка болка, стануваат живи сведоштва за тоа како економските сили ги разнебитуваат традиционалните животи.

Филмот е снимен во период од три години и започна како лична идеја која Котевска ја развивала и водела до целосна реализација. Котевска е и режисерка и продуцентка на филмот, кој е реализиран во копродукција со американската компанија Concordia и британската The Cornershop. Останати продуценти се Jean Dakar и Јорданчо Петковски со кој моментално Котевска го снима нејзиниот прв долгометражен филм „Човек против јато“.

Тамара Котевска
Том Пауерс, селекторот на документарни филмови на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто и уметнички директор на најголемиот американски фестивал за документарци – DOC NYC за Котевска вели: „Котевска работи во свој сопствен поетски регистар, користејќи го филмот не за да поучува, туку за да отвори очи и срца кон животи кои инаку би останале невидливи.“





