Документарниот игран филм „Патување пеш“ (The Walk) во режија на Тамара Котевска, британско-американско-македонска продукција ќе ја има светската премиера вечерва на DOC NYC – најголемиот американски фестивал за документарни филмови. Овој исклучително важен филм не само за македонската, но и светска кинематографија се бави со исклучително актуелна и осетлива тема посветена на бегалците од Сирија и Палестина.
Во последните десет години, на овој фестивал се прикажувале документарни филмови што потоа освоиле „Оскар“. Тамара Котевска е најавена како една од специјална гостинка меѓу автори од калибарот на Вим Вендерс, Сем Полард, Рамин Бахрани итн. Калеидоскоп категоријата во која е селектиран филмот „Патување пеш“ (The Walk) наречена уште „нови документарни визии“, за филмови кои се стремат кон поетски и есеистички филмски израз. Ова е единствен филм во категоријата со светска премиера.

Филмот „Патување пеш“ (The Walk) го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, обидувајќи се да си најде дом. Филмот се снимаше две години, на територија од повеќе од 10 земји. Од авторската екипа од Македонија, учествува и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери кои се дел овој проект.
Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар.
Главен продуцент на филмот е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, Grain Media – искусна продукција од Лондон, два пати наградена со Оскар во документарна категорија.
Еден од поголемите продукциски куќи кои застанаа позади филмот е Participant Media, една од најуспешните американски продукциски компании последниве 15 години, со 18 освоени награди од 73 номинации за Оскар.

Kако македонски копродуцент се јавува ОХО Продукција, односно Пеце Талевски, Илија Тирицовски и Тамара Котевска, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм.
Европската премиера на филмот се очекува да биде на пролет, на еден од поголемите европски филмски фестивали. За македонска премиера на филмот, Котевска најави дека најверојатно би била на наредниот Фестивал на документарен филм „Македокс“.
Патувавме 90 дена. Идејата на филмот е преку очите на мало девојче од Сирија да го претставиме нивниот сон за подобро утро, но и да разбудиме емпатија кај што е можно повеќе луѓе, вели Котевска.
Тамара Котевска имаше две номинации за „Оскар“ како корежисер на документарниот филм „Медена земја“ во 2019 година. Филмот доби 3 награди на култниот американски филмски фестивал „Санденс“.
По повод последниот филм „Патување пеш” таа одржа говор на Филмскиот фестивал во Венеција во категорија Lights Camera Impact која се однесува за филмови кои имаат моќно и социјално влијание и прават општествена промена.





