Под мотото „Свесни и бесни“, книжарницата „Илика“ од Скопје ќе го одбележи март, месецот на женското писмо и авторките што инспирираат да погледнеме на светот низ женска призма. Ве повикаме да го поддржите трудот на авторките, преведувачките, уредничките и лекторките преку купување на нивните книги по редовна цена, велат организаторите.
Романот „Тирза“ од холандскиот автор Арнон Грунберг ќе биде објавен во едицијата „Современа проза“. Според „Ди Пресе“, романот е „вознемирувачко и брилијантно истражување на животот на средната бела класа, зачинето со елементи на семејна драма и трилер.“ Приказната го следи Јерген Хофместер кој има уредна работа во издавачка куќа, милионска заштеда, мирен семеен живот и го чека денот кога ќе се пензионира. Неговите денови се лежерни и спокојни и тој се гордее со фактот дека спие мирно како бебе – освен понекогаш, кога се прашува дали е, всушност, чудовиште.

Арнон Грунберг е роден во Амстердам во 1971 година. Работи како издавач, новинар и писател, а живее во Њујорк. За својот прв роман, Син понеделник, издаден во 2000 година, добил награда за најдобра дебитанска книга во Холандија. Оттогаш има напишано и објавено триесетина книги.
На 20 март е закажана последната средба на зимскиот книжевен кружок. Ќе се разговара за „Вегетаријанка“ од Хан Канг, последната добитничка на Нобеловата награда за литература.
Во романот, низ три приказни ни е прикажана Јонг-хе, млада жена, која измачувана од еден кошмар, решава да престане да јаде месо. Оваа, навидум мала одлука ќе има огромни последици и целосно ќе го сврти животот на Јонг-хе, доведувајќи ја во неочекувани конфликти со сите блиски луѓе од кои очекува поддршка. „Вегетаријанка“ е искрен, моќен роман за парадоксалната битка што мора да ја водиме за да бидеме тоа што сакаме да бидеме.
Овој роман е совршениот начин да го заокружиме кружокот, но и да го одбележиме овој месец, бидејќи ги испитува трансформациите преку кои се откриваме или се губиме себеси, преку кои бараме љубов и добиваме омраза.





