По повод 75-годишниот јубилеј и 50 години активно новинарско, научно и педагошко творештво, Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ и Кинотека на Македонија денеска на пладне организираат свечена манифестација посветена на истакнатиот македонски документарист, научен и педагошки творец проф. емеритус д-р Мишо Нетков.
Ќе биде прикажан филмски омаж во продукција на студио „Мелем“ со времетраење од 40 минути, во кој проф. емеритус д-р Нетков го претставува својот животен и професионален пат, како и неговиот импресивен документаристички опус од над 400 документарни дела.
Во оваа филмска приказна учествува и претседателот на Универзитетскиот одбор на „Еуропа Прима“, писателот Јордан Плевнеш.
За научниот придонес на проф. Нетков – како еден од основоположниците на македонската историографија кој медиологијата ја внесе во служба на современата историска наука – свое обраќање има проф. д-р Тодор Чепреганов. За неговата педагошка мисија ќе говори проф. д-р Александар Трајковски, актуелен ректор на Универзитетот „Еуропа Прима“, каде што проф. Нетков и понатаму активно предава.





