Во галеријата на Културно-информативниот центар во Софија вечерва во 18.30 часот ќе биде прикажана претставата за деца „Свадби на животни и нешта“ на театарот „Сенки и облаци“ од Скопје. Претставата е создадена според истоимената книга на Раја и Георги Господинови.
Станува збор за приказна за невидливиот живот на предметите околу нас, за фантазиите во доцните попладневни часови, кога и малите и постарите се подготвени да смислуваат игри. Што би се случило ако… Се спојат кауч и крокодил, желка и шкаф, книга и сладолед, камила и чајник… Некои би рекле „чао и збогум“, други би посакале да создаваат мушички за жива ограда, кроко-каучи и камило-чајничиња, кои мирисаат на камилица и мед. Приказна која повикува: „Ајде, сега тебе ти е редот“.
Креативен тим на претставата се: Катерина Стефановска – актер, Александра Стојановска – актер, Дарко Богески – актер, Круме Стефановски – актер и музичар, Благородна Коцева Симјанов – дизајн на кукли, Ивона Ѓорѓиовска – дизајн на постер. Претставата е наменета за деца од пет години нагоре
„Сенки и облаци“ е театар на сенки од Скопје, Македонија и е пионер со сенки повеќе од 15 години. Нашата работа главно е фокусирана на промоција на театарот на сенки како уметничка форма и неговата висока културна вредност како и употреба на театарот на сенки како неконвенционална креативна и едукативна алатка за општествени теми.





