„Сусурига“ – Кривопаланечка традиција на маски и оган

На Градскиот плоштад во Крива Паланка денеска во 12 часот ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2025“ посветена на празникот Прочка. Овој обичај е карактеристичен само за Крива Паланка и ја оживува староградската традиција на маскирање и палење на оган.

Програмата предвидува дефиле од „Карпошово востание“ до Градскиот плоштад и ревијален настап на повеќе групи под маски меѓу кои прочуените Бамбурци од Ратево, Џоломари од Манастирец и Мокриево од Ново Село, како и локалните групи „Осоговски биждеци“ на КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ на КУД „8. Октомври“ при Центарот за култура од Крива Паланка.

– Во чест на стариот кривопаланечки обичај ќе биде изведено ритуално палење на оган, негово прескокнување и црнење на лицето што е повеќевековна градска кривопаланечка традиција наречена „сусурига“ – велат организаторите.

Манифестацијата ја организираат Општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“.

Сподели