Во Чифте амам во Старата скопска чаршија вечерва во 18 часот ќе биде отворена изложбата „Студии во апстракција“ на словачкиот уметник Ладислав Каменицки. На неговата 8. самостојна изложба тој ќе се претстави со дела од повеќе различни уметнички циклуси. Ќе бидат поставени некои од неговите најрани платна од 2018 година и други создадени пред само неколку месеци. Во изложените дела уметникот истражува низа концепти што често се појавуваат во неговото творештво: перцепцијата, просторот и апстракцијата како средство за изразување идеи и метафори. Куратори на изложбата се Кирил Пенушлиски и Јасминка Намичева.
Изложбата започнува со неколку слики-омажи на уметници и личности кои значително влијаеле врз креативниот пат на Каменицки. Овие дела може да се разберат како манифестации на размислувањата на Каменицки за важни идеи – од разни теоретски концепти во астрофизиката до метафизички интерпретации на универзумот.
– Меѓу прикажаните слики има пространи, космички инспирирани композиции, но и други што се вдахнати со прецизниот, повторувачки ритам на оп-арт структурите, изградени од коцки. Кон нив се придружуваат и низа други платна што одаваат почит на влијателни уметници или личности чии идеи и визии го инспирирале или обликувале творечкиот развој на Каменицки. Заедно, тие создаваат дијалог меѓу бесконечното и конструираното, меѓу интуицијата и структурата, меѓу историското влијание и современиот ликовен израз – велат кураторите.
Централно место во апстрактните дела на Каменицки зазема истражувањето на просторот како физички и метафизички концепт. Сликите со космичка тематика, што „навестуваат“ галаксии и ѕвездени движења, евоцираат огромни, немерливи простори и тивки, бескрајни пространства што се далеку од човечките размери. Но, наместо дословно и точно да го прикажува универзумот, во овие дела уметникот ја претвора космичката енергија во боја, гест и атмосфера, што им овозможува на гледачите да го доживеат прикажаниот простор како чувство, а не како слика.
Изложбата ја организира Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје во соработка со Националната галерија на Македонија, Амбасадата на Словачка во земјава, македонската амбасада во Словачка и нашето Министерство за култура и туризам. Изложбата ќе биде претставена пред публиката до 1 март.
Насловна фотографија: https://kamenicky.art/





