Студентката Марија Роглева учествуваше на работилница на „Пјер Карден“ во Париз

Студентката од трета година Марија Роглева од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет Скопје изминатиов викенд учествуваше на работилница со дизајнерскиот тим на реномираната модна куќа „Пјер Карден“ во Париз. Таа беше избрана на конкурсот за студенти по моден дизајн, објавен од модната куќа пред неколку месеци. На работилницата учествуваа 64 студенти од различни европски земји, а 12 од нив ќе бидат избрани да учествуваат на ексклузивен настан на 4 октомври во Атина.

Тројцата првонаградени студенти ќе добијат работна пракса во студиото на Пјер Карден во Париз. Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, континуирано ги поттикнува студентите да ги искористуваат можностите за дополнителен развој на своите креативни вештини преку учествата во изложби, модни ревии, проекти и јавни конкурси. Студентите по моден дизајн учествуваа на конкурсот на куќата Пјер Карден по иницијатива на проф. д-р Гордана Вренцоска, а дел од нив ги разработуваа своите идејни решенија во рамки на предметот Колекција 2 кај проф. д-р Јана Манева Чупоска.

– Веста дека сум избрана да учествувам на оваа работилница во Париз за мене беше изненадување, но и голема среќа. Ова беше исклучителна можност да комуницирам и да соработувам со дизајнерскиот тим на Пјер Карден, но и со
другите студенти учесници од различни земји. Сертификатите за учество ни ги додели лично претседателот на модната куќа Родриго Базиликати Карден. Искуството беше незаборавно и голема мотивација за во иднина, вели Роглева.

Марија Роглева има учествувано на Моден викенд Скопје, Младинскиот пролетен салон, Студентското уметничко биенале во Истанбул, како и на годишните изложби на Факултетот за арт и дизајн.

Сподели