Студенти од УКЛО КОЛОРС го креираа „Научи Моодле” – курс за поддршка на онлајн-учењето

УКЛО КОЛОРС го промовира своето првенчe – менторирана студентска изработка – прв курс-микроквалификација насловен „Научи Моодле“. Курсот го изработија студентите: Андреј Тошески, Антонела Наумоска, Ангела Петрова и Марија Михајловска, под менторство на проф. Наташа Табаковска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола и во соработка со академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. Рената Петревска Нечкоска. Курсот за учење на основните алатки и елементи во системот за електронско учење Моодле е достапен за поддршка на онлајн-учењето и управување со образовните процеси.

Курсот содржи 40-ина упатства за користење на платформата UKLOMoodle, наменети и за студенти и за професори и воедно е достапен за заинтересирани граѓани и соработници.
Во изработката, преку кратки и јасни видеа се нуди запознавање со основните функционалности на платформата. Клиповите се организирани во логичен редослед за полесно совладување на темите, а секоја секција нуди практични примери за подобро разбирање. Според креаторите, курсот ќе помогне користењето на платформата UKLOMoodle да се остварува на најдобар можен начин како во предавањата, така и за постигнување подобро учење.

Наташа Табаковска

Професорката Наташа Табаковска од ФИКТ посочува дека студентите покажале голема мотивираност и посветеност, што според неа е јасно видливо преку нивниот напредок и креативноста во изработката на видео туторијали за клучните функционалности (за студенти и професори) на платформата Моодле.

– Како ментор на студентите кои работеа на развој на првиот курс-микроквалификација „Научете Моодле”, имам исклучително позитивни впечатоци. Студентите се покажаа многу мотивирани и посветени на задачата, што беше јасно видно преку нивниот напредок и креативност во изработката на видео туторијали за клучните функционалности (за студенти и професори) на платформата Моодле. Менторството вклучуваше изработка на план за развивање на курсот, давање насоки, активна комуникација и редовно давање на повратни информации, што доведе до успешна реализација на заеднички поставената цел. Како ментор особено ми беше задоволство да следам како студентите извршувајќи ги планираните задачи се стекнуваат и со нови вештини потребни за да го изработат курсот „Научете Моодле”.

Рената Петревска Нечкоска

Ова задоволство го споделува и академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, професорката Рената Петревска Нечкоска, затоа што студентите со професорите ментори се согласни дека „Научи Моодле” е курс што ќе се унапредува и кон истиот може да се пристапува отворено, без логирање, како гостин, бидејќи е наменет и за поширокото граѓанство и соработници, а студентите и кадрите на УКЛО ќе може да се логираат со кликнување на Gmail копчето за логирање со својата @uklo.edu.mk адреса.

Работата на курсот ‘Научи Moodle’ беше исклучително корисно и инспиративно искуство. Имавме можност да ги продлабочиме знаењата за e-учењето, да работиме во тим и да придонесеме кон креирање на образовна содржина која ќе им помогне на студентите и професорите – вели Андреј Тошески.

За Антонела Наумоска, работејќи во тим, научиле како да комуницираат ефикасно, да ги споделуваме идеите и да ги распределат задачите со цел да постигнат најдобри резултати.
– Секој член на тимот имаше своја улога, а заедно успеавме да изградиме функционален и интуитивен курс – вели таа.
Ова искуство ни овозможи да стекнеме практични вештини за работа со UKLOMoodle, како што се креирање активности, поставување материјали и управување со кориснички пристапи. Овој проект нè мотивира да продолжиме да истражуваме иновативни пристапи за унапредување на е-учењето, покажувајќи како соработката, креативноста и технологијата можат да донесат значајна промена во образовниот процес – споделуваат студентите.
Сите автентицирани корисници на курсот ќе може да добијат и експериментални беџови за комплетираните активности, со најава дека во иднина, ќе бидат сведоци и соработници и во другите новини.

Сподели