Студенти од 8 земји на 16. Студентски конгрес на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија

За многумина од студентите ова е прво искуство на научна конференција и верувам дека ќе биде одлична подготовка за поголеми меѓународни настани во иднина, вели проф. д-р Зоран Здравковски

На Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје денеска и утре ќе се одржи 16. Студентски конгрес на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ). Со собирот ќе биде одбележана 31 година од првиот студентски собир организиран од Сојузот, традиција што продолжува да расте, обединувајќи млади истражувачи и идни научници кои ја споделуваат истата страст кон хемијата и сродните области.

Според проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ, оваа организација има долга и горда историја на организирање научни собири, која датира од 1970 година, а догодина ќе одбележат уште еден значаен настан, 27. Конгрес на СХТМ кој традиционално се одржува во Охрид и низ годините прерасна во еден од најзначајните научни собири во нашиот регион.

– Искрено им благодарам на сите студенти-учесници. За многумина од нив ова е прво искуство на научна конференција. Верувам дека тоа ќе биде одлична подготовка за поголеми меѓународни настани на кои ќе присуствуваат во иднина – вели Здравковски.

На конгресот ќе учествуваат 49 студенти од Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Хрватска, Турција, Полска и од Азербејџан. Две пленарни и три предавања по покана ќе одржат професори од Технолошко-металуршкиот факултет и од Институтот за хемија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Меѓу гостите се и претставници од Универзитетот во Ополе, Полска, од Факултетот за земјоделски науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и од фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје.

Настанот го организираат Ива Димитриевска и Марија Прошева од ТМФ. Студентскиот конгрес е настан кој ги обединува студентите на додипломски, магистерски и докторски студии од различни области за да споделат знаење, да ги презентираат своите истражувања и да соработуваат на иновативни идеи. Тој служи како платформа за младите да ги презентираат своите трудови преку презентации и интерактивни сесии. Годинава ќе биде проширена научната програма, вклучувајќи: Хемија и хемиска технологија, Инженерство (Машинско, Градежно, Електротехничко, Информациски технологии и Компјутерски науки), Природни науки, Земјоделски науки и храна и Фармација, стоматологија и медицина/

– Воведуваме и посебна научна секција за средношколци кои активно учествуваат во истражувања во овие области, овозможувајќи им да ги презентираат своите оригинални резултати – велат организаторите.

Конгресот поттикнува интердисциплинарна размена и мрежно поврзување, охрабрувајќи ги учесниците да се вклучат во дискусии кои го предизвикуваат конвенционалното размислување и инспирираат нови пристапи за глобалните предизвици. Дополнително, тој претставува можност за научен развој на младите истражувачи, воспоставување нови соработки и партнерства и создавање трајни пријателства.

Сподели