„Строго контролирани возови“ ќе ја отвори ретроспективата на легендата Јиржи Менцл

Со филмот „Строго контролирани возови“, вечерва во 20 часот во Кинотеката ќе биде отворена ретроспективата на легендарниот чешки режисер и глумец Јиржи Менцл. „Строго контролирани возови“ е дебитантски долгометражен игран филм на Менцл (1938-2020), со кој освои „Оскар“ за најдобар странски филм во 1967 година.

До 11 декември, во термините од 20 часот, во кинотечната сала ќе бидат прикажани уште осум наслови на Менцл: Стрижено-косено, Ластовички на жица, омнибусот „Бисери на дното“, во кој Менцл е еден од четирите автори, Снежен фестивал, Село мое мало, Крајот на старите времиња, Прекрасни луѓе со камера и Самотија во шумата.

Со должната почит кон дузина автори од чешкиот „нов бран“ – од средината на шеесеттите па сè до крајот на осумдесеттите години од минатиот век – се чини дека филмовите на Јиржи Менцл, чија честа сценаристичка предлошка се литературните дела на Бохумил Храбал, се најдобар пример на тој луциден хумор со кој се рушат тоталитарните бастиони. И тука не се работи само за комунистичкиот режим во Чехословачка. Барем според книгите и филмовите, меѓу кои најпластичен пример е романот „Името на розата“ (1980) на Умберто Еко и истоимената екранизација (1986) во режија на Жан-Жак Ано, смеата била прогонувана уште од најстарите државни уредувања, од античко време па до ден-денес. Затоа кај Еко и Ано се актуелизира случајот со изгубениот спис на Аристотел „За комедијата“ и зошто останал непознат за човештвото: смеата е најголемиот кошмар на тирани(и)те.

Кај Менцл, таа борба со помош на хуморот можеби не е директно брцнување прст во „окото на тоталитарната власт“, туку потег кој може фигуративно да се опише како потсмешлива иронична интервенција, во стилот на цртање мустаќи или големи уши на иконичните слики на големите диктатори. Додуша, Хитлер и Сталин веќе имаа мустаќи – па во борбата со првиот јунак од „Строго контролирани возови“ мораше да ја подметне главата – но Менцл им ги „црташе мустаќите“ на нивните наследници…

Менцл знаел и да склучи пакт со властодршците од тогашниот комунистички режим за да може да снима, во одреден период снимал „неполитички“ филмови, но одново му се враќал на неговиот стил со кој остана препознатлив во чешката и светската кинематографија.

Завршил режија на прочуената академија ФАМУ во Прага, кај професорот и режисер Отокар Вавра. По „Строго…“ снимен според истоимениот роман на Бохумил Храбал, започнала плодната соработка со култниот писател. Меѓу другите наслови, Менцл го сними и филмот „Му служев на англискито крал“, според прозата на Храбал.

Во 2000 година Менцл беше гостин на промоцијата на неговата книга преведена и објавена на македонски јазик во Скопје, каде што ја прими наградата за животно дел на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во 2009 г. Менцл беше гостин на Кинотеката и беше прогласен за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА (денешен Еуропа прима) во Скопје. Церемонијата се одржа во киносалата на Кинотеката.

Сподели