Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје отворено е посебно катче за изданијата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На средбата на двете раководителки на институциите, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Снежана Стојчевска беше договорено заеднички да организираат настани за афирмација на македонските книжевни и културни вредности, а странските македонисти по еден месец во годината бесплатно да ги користат услугите на Библиотеката.
– Нашите изданија се наменети за странските македонисти, но тие се значајни и за домашната македонистика, особено зборниците со предавања и зборниците од Меѓународната научна конференција – рече Мојсова-Чепишевска.
Стојчевска рече дека асктивностите што ги планираат заедо со Семинарот, ќе значат поддршка на македонистиката однатре, но и соработка со останатите културни и академски центри низ светот, каде што има луѓе кои ги почитуваат и проучуваат македонскиот јазик и култура.
За бесплатното користење на услугите на Градската библиотека во Скопје, Семинарот ќе ја известува Библиотеката кога странски македонист ќе има потреба од користење на нејзините услуги, по што покрај користењето на читалниците ќе биде овозможен за користење и севкупниот потребен библиотечен материјал со кој се располага.





