Староста да биде достоинствена. Вработените во „Алкалоид“ собраа 1,8 милиони денари за постарите лица

Повеќе од 4.000 вработени во „Алкалоид“ со своите семејства и пријатели на компанијата донираа 1,8 милиони денари на „Црвен крст“ на Град Скопје, наменети за поддршка на социјалните сервиси за стари лица. Хуманитарната акција се одржува по 11 пат под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“. Хуманоста годинава е визуализирана преку симболиката на балон со топол воздух, илустриран на специјално дизајнираните маички.

– Постарите лица, чија мудрост и животно искуство заслужуваат почит, внимание и поддршка, се вреден дел од општеството. Со помош на активностите насочени кон социјалните сервиси за лицата во третата доба, веруваме дека заедно можеме да создадеме услови староста да биде период исполнет со достоинство, сигурност и човечка топлина. Хуманоста е силата што ги подигнува луѓето. Токму затоа преку оваа поддршка сакаме да им помогнеме на постарите лица да се издигнат над предизвиците и да имаат поисполнет и поквалитетен живот – рече Живко Мукаетов, генерален директор „Алкалоид“ и претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

Според Сузана Тунева-Пауновска, секретар Црвен крст на Град Скопје, една од нивните мисии е им се помогне на лицата во третата доба да имаат достоинствена и безбедна старост.

– Нивните предизвици се големи – осаменост, намалена мобилност или финансиски тешкотии. Затоа сме тука ние. Преку домашните посети, уредот „Итно копче“, санитетскиот транспорт и преку дневните центри за активно стареење им овозможуваме поддршка, сигурност и соодветна грижа. Но, оваа наша мисија не би можела да се реализира без силни и посветени партнери. Заедно можеме повеќе – рече таа.

Вредностите што темел на „Алкалоид“, преку хуманост, солидарност и грижа за заедницата, компанијата има долгогодишно хуманитарно партнерство со „Црвен крст“, поддржувајќи ја оваа хуманитарна организација во делот на социјално-хуманитарната дејност и справувањето со кризи и катастрофи и на полето на крводарителството. Првиот хуманитарен пикник на „Алкалоид“ под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е одржан на 3 септември 2011 година.

Сподели