Филмот „Југо Флорида“ во режија на Владимир Тагиќ ја освои наградата за најдобар филм на 24. Фестивал на европски филм „Синедејс“. Наградите беа врачени синоќа, со што беше затворено ова издание на фестивалот. „Југо Флорида“ е реалистичен филм кој тивко бара зрно надеж во сивиот секојдневен живот. Гради свет кој понекогаш се чини дека постои на границата помеѓу сонот и реалноста – без потреба да ги раздвојува двата – оставајќи суптилна трага од апсурден
хумор низ целиот филм. Оваа фино избалансирана двосмисленост, во комбинација со ненаметнат реализам, му дава на филмот сила и автентичност, вели жирито во образложението. Актерот Андрија Кузмановиќ за оваа изведба доби специјално признание.
За добитниците на наградите од Официјалната конкуренција одлучуваше жири комисијата во состав: Сара Климоска – актерка, Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска и Алеш Павлин – режисер, Словенија.
Наградата за најдобро сценарио ја доби „Вена“ во режија на Кјара Флајшхакер. Сценариото за „Вена“ нуди интимен и емпатичен приказ на патот на една млада жена кон мајчинството, градејќи силно чувство на блискост со хероината без да се лизне во сентименталност. Внатрешната борба помеѓу мајчинството и зависноста е обликувана со јасност, вистинитост и болка. Неговите природни и економични дијалози носат голем дел од емоционалната тежина и ја потврдуваат силата на сценариото.
Наградата за најдобра режија ја освои Уршка Џукиќ за „Проблематични девојки“.
– Режијата – особено во однос на кадрирањето и монтажата – го конструира светот на младата хероина преку економични, но јасно промислени, доследни и прецизни избори. Филмот го следи будењето на нејзината сексуалност во контекст на строго мајчинско воспитување и црковна средина. Неговиот изразен поетски пристап, кој се граничи со експерименталното, создава впечаток на мистерија и елеганција – стои во образложението.
Во СЕЕ конкуренцијата, наградата „Златно сонце“ за најдобар филм ја поделија „Ера“ на Петра Келменди и „Отецот наш“ од Горан Станковиќ.
Во образложението се вели дека:
„Ерa“ зборува за украдената младина на почетокот на војната во Косово, тема што ретко се обработува, иако во текот на 90-тите години доживеавме многу настани од ваков вид, период на растечка тензија и човечки пропаст. Ретко претставена во регионалната кинематографија, ова е доста предизвикувачка задача за режисер дебитант. Со минималистички дијалог и прецизен режисерски пристап, таа покренува и одговара на многу дилеми. Како што вели протагонистката: „Никогаш не бев доволно храбра да заминам“. Келменди беше доволно храбра да ја донесе оваа сложена тема на големото платно.

„Отецот наш“ кој ги поместува границите на балканскиот филм со тоа што регионалната кинематографија ја поставува на следно ниво. Од Дантеовиот почеток до целосно развиените ликови, филмот ја одразува зрелоста на Станковиќ како режисер. Симболите во неговиот режисерски пристап се добро интегрирани и никогаш не се преклопуваат со флертување со стереотипи. Тој го доведува во прашање авторитетот и дисфункцијата на системот што им овозможува на поединците да ја злоупотребуваат ранливоста на оние на кои им е потребна помош. Станковиќ храбро нè води до самиот крај, никогаш не напуштајќи ја својата симболика сè до последната сцена. Филмот на крајот прашува: колку вреди една личност во таков систем и дали преживувањето е поврзано со припадноста на група од иста ориентација?
Специјално признание од жирито доби „Месо“ од Димитрис Накос, кој е „храбро патување во едно грчко село и менталитетот на една мала средина лесно обликувана од лажни проценки, погрешни толкувања и брутален воајеризам. Тоа е длабока драма со сложени ликови, кои режисерот ги води низ приказната со голема вештина.“
За филмовите во СЕЕ конкуренција тричлената комисија беше во состав: Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска,
Фатос Бериша – режисер, Албанија и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора за филмовите во СЕЕ програма.
Во осум фестивалски денови, „Синедејс“ прикажа повеќе од 50 европски наслови, 2 концертни вечери и над 3000 присутна публика. Фестивалот во најголем дел е подржан од Агенцијата за филм, Град Скопје, програмата Лајвјуроп за музичкиот дел како и програмата Јуропиан филм фестивалс (European Film Festivals), поддржана од Креативна Европа.





